• петок, 22 ноември 2024

Камчев повторно однесен на Клиниката за кардиологија во Скопје, по стабилизирање на состојбата вратен во КПУ затвор Скопје

Камчев повторно однесен на Клиниката за кардиологија во Скопје, по стабилизирање на состојбата вратен во КПУ затвор Скопје
Скопје, 21 јули 2021 (МИА) - Јордан Камчев поради лоша здравствена состојба со возило на брзата помош утрово е пренесен на Клиниката за кардиологија во Скопје. По реакција на лекарскиот тим на Клиниката за кардиологија во Скопје и по стабилизирање на состојбата на Камчев, тој е вратен во КПУ затвор Скопје каде што ја издржува мерката притвор. Денеска, за време на редовната посета на КПУ затвор Скопје, Јордан Камчев повторно се пожалил на своите бранители на влошена здравствена состојба. - Имено, во текот на вчерашната вечер Камчев во затворот имал гушење, голема главоболка и се чувствувал многу лошо, но во КПУ затворот во Скопје во моментот немало дежурен лекар за да го прегледа и интервенира па поради сериозноста на состојбата викната е брза помош, констатирано е зголемен крвен притисок и на Камчев му е дадена соодветна, моментална терапија, соопштија денеска дел од правната одбрана на Камчев, кои денеска биле во посета. Во соопштението се наведува дека неколкупати како одбрана реагираат на сериозно влошената здравствена состојба на Јордан Камчев, што, како што стои во соопштението, очигледно продолжува да се влошува поради непостоење на соодветни медицински и санитарни услови за третирање на неговата здравствена проблематика. - Со фамилијарен историјат на кардиоваскуларни болести, г-динот Камчев од својата 15-та година прима соодветна терапија за оваа здравствена состојба, а пред само десетина дена поради влошување на состојбата тој пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје.Сериозноста на здравствената состојба и ризикот кој постои по неговото здравје поради неможноста истата да биде соодветно третирана во затворот е докажана и од четири различни, релевантни медицински институции и со сета останата документација е уредно доставена до Судот, соопштија адвокатите Сашо Бошков, Александар Михајлоски, Гоце Ристески, како дел од правната одбрана кои денеска биле во посета на Камчев. цр/

Остани поврзан