• понеделник, 23 декември 2024

Кампања „Превенција подобро од лекување“ за подигнување на свеста за оваријалниот карцином

Кампања „Превенција подобро од лекување“ за подигнување на свеста за оваријалниот карцином

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Здружението за унапредување, образование и заштита на човековите и здравствените права - „Биди човек“ - Скопје, со поддршка од „Дм дрогерие маркт“ почна кампања „Превенција подобро од лекување“ за подигнување на јавната свест за оваријалниот карцином, информираат денеска од ова здружение.

За потребите на кампањата, снимен е документарен филм каде лични приказни раскажуваат Анита Бошкова, Емилија Христовска Костовска и Марија Сотименова, кои се избориле со ракот на јајниците.

- Медицинскиот аспкет на оваријалниот карцином го објаснуаат професорите по гинекологија и акушерство, професор доктор Ана Данева Маркова и професор доктор Глигор Тофоски. За тоа низ што психилошки поминуваат лицата заболени од карцином, пренесува психологот Мирјана Стојановска, а пак за тоа кои се здравствените права на пациентите во однос на работниот однос, можеме да слушнеме од правничката Неда Чаловска Димова, се појаснува во соопштението.

Со оваа кампања, како што се додава, се пренесуваат и истакнуваат клучните информации за ракот на јајниците за да се подигне свеста и да се едуцира јавноста за редовните гинеколошки прегледи.

- Ракот на јајниците често се нарекува тивок убиец поради неговите суптилни симптоми и високата стапка на смртност. Тој е седми најчест рак кај жените на глобално ниво и втор најчест гинеколошки карцином, што доведува до приближно 185.000 смртни случаи годишно ширум светот. Раното откривање значително ги подобрува стапките на преживување, правејќи ги свесноста и образованието клучни, потенцираат од здружението.

Ракот на јајниците често се манифестира со суптилни симптоми што може да се помешаат со помалку сериозни состојби. Вообичаени симптоми вклучуваат абдоминална надуеност или оток, брзо заситување, губење тежина, непријатност во пределот на карлицата, промени во навиките на дебелото црево како што е запек, честа потреба за мокрење.

- Раното откривање е критично, но, предизвикувачко поради неспецифични симптоми. Дијагностичките чекори вклучуваат ултразвучен преглед на гениталните органи, биохемиски маркери: CA-125 и HE-4, дополнителни дијагностички методи како магнетна резонанца и компјутерска томографија. Плановите за лекување се прилагодени на поединецот и фазата на рак, а може да бидат операција - често првиот чекор за отстранување туморот, хемотерапија, целна терапија и терапија со зрачење, се појаснува во соопштението.

Откривањето на рак на јајниците во тек на бременост е ретко, но, можно. Симптомите може да се поклопуваат со нормалните промени во бременоста.

- Урамнотежувањето на ефективниот третман со здравјето на мајката и бебето е од клучно значење. Опциите вклучуваат операција за време на бременоста или по породувањето, со внимателно разгледување на времето и безбедноста на хемотерапијата, се истакнува во соопштението.

Документарниот филм, се додава, ја нагласува издржливоста и храброста на жените кои се соочуваат со рак на јајниците и ја нагласува важноста од рано откривање и едукација. Со ширење на свеста за знаците, симптомите и опциите за третман на ракот на јајниците, се вели, можеме да ги поттикнеме жените на рано дијагностицирање и третман.

Филмот е преведен на англиски, албански, ромски и знаковен јазик. бд/дма/

Фото и видео: „Биди човек“ 

Остани поврзан