• петок, 22 ноември 2024

Каменичкото средно училиште ,,Миле Јаневски - Џингар" го одбележа патрониот празник

Каменичкото средно училиште ,,Миле Јаневски - Џингар

Македонска Каменица, 26 април 2024 (МИА) - Средното општинско училиште „Миле Јаневски Џингар“ денеска го одбележа својот патронен празник. Во рамките на одбележувањето пред спомен бистата на каменичкиот бранител, цвеќе положија и се поклонија неговото семејство, наставниот кадар заедно со учениците од гимназијата, градоначалникот на општината Димчо Атанасовски и други присутни гости.

Во својот поздравен говор директорката на училиштето Данче Донева Гоцевска им се заблагодари на сите присутни за тоа што беа дел од овој настан. Посочи дека многумина од претходните генерации на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ прераснале во успешни луѓе со успешни кариери и дека училиштето и понатаму ќе се труди да создава нови, успешни и горди генерации. -Тагата и болката остануваат, особено кај најблиските, но останува и гордоста и обврската наша и на идните поколенија и генерации, споменот да го чуваме, да се сеќаваме на 2001-та и никогаш да не дозволиме да се повтори, истакна директорката Донева Гоцевска.

И оваа учебна година по повод патрониот празник беа распишани литературен и ликовен конкурс на тема: „За нашиот херој“. Чествувањето на патрониот празник продолжи со отворањето на меморијалниот турнир, кој го носи името на патронот на каменичката гимназија.

-Како училиште секогаш се стремиме кон реализирање на нашата визија – да создадеме ефективно и модерно училиште во кое ученикот и неговите потреби ќе бидат во центарот, преку интерактивна соработка меѓу учениците, наставниците и родителите. Да опстоиме како училиште со здрава клима и пријатна атмосфера за работа во кое ќе создаваме личности со високи вредности кои ги знаат своите права и одговорности, да го негуваме меѓусебното почитување и толеранција и да градиме заемна доверба и почит. Нека ни е честит и вековит патрониот празник, беше кажано во рамки на одбележувањето на патрониот празник на каменичката гимназија.

На настанот му претходеше ревијален натпревар во мал фудбал помеѓу екипата на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ и екипата на БСН „Волци“. Првото место го освои екипата на СОУ „Миле Јаневски Џингар“, додека второ место им припадна на екипата на БСН „Волци“. вс/ир

Фото: СОУ „М. Јаневски Џингар“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан