• понеделник, 04 ноември 2024

Кабинет на Тренчевска: Велковски без конкретни информации излегува со лажни обвиненија

Кабинет на Тренчевска: Велковски без конкретни информации излегува со лажни обвиненија

Скопје, 18 март 2024 (МИА) - Од Кабинетот на дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, ги демантираат изјавите на техничкиот министер, Ѓоко Велковски, изнесени денеска на прес-конференција на која тој информираше дека добил сознанија за злоупотреби на системот за социјална заштита со кои, според првичните информации, на 2.252 лица незаконски им биле исплаќани средства за социјална помош како и за социјална пензија.  

- „Набрзо деновиве ќе ги имаме конкретните записници по овие констатирани податоци“ вака заврши непотребната и лажна прес-конференција на техничкиот министер Велковски за информации кои не се плод на неговата работа. Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази, излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството, пишува во демантот.

Како што појаснуваат од Кабинетот на Тренчевска, таа во јануари потпишала меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи, за размена на податоци за поседување моторно возило во реално време.

- Ваквиот меморандум, кој стапи на сила од февруари, е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита, туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ, се истакнува во демантот.

Пред потпишувањето на меморандумот, како што додаваат од Кабинетот на Тренчевска, податоците со МВР биле разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите.

- Според Законот за социјална заштита, секогаш кога ќе се утврди бесправна исплата на правата од социјална заштита, лицата ги враќаат средствата. Истата пракса ќе се спроведи, ако министерот најде какви било неправилности за исплата на гарантирана минимална помош и социјална пензија. До денес во секој случај, каде е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување на имот, правото од социјална заштита се укинува, а корисникот го враќа добиениот паричен надоместок. Изминатите 50 денови, министерот Велковски со јавноста не сподели ниту еден релевантен статистички податок, ниту еден факт и ниту една теза до денес не ја одбрани со аргумент. Вакви се кадрите на ДПМНЕ, без решенија и без конкретни знаења, пишува во демантот.

Претходно, Велковски рече дека според сознанијата, манипулацијата е системска, а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица.

- Инспекциските служби од Министерството веќе од денес започнаа вонредни инспекциски надзори се со цел да се открие кој навистина стои зад овој криминал од милионски размери. За појаснување на ситуацијата за јавноста, се работи за над 2.200 корисници кои примале гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило, а според евиденцијата на МВР тие се сопственици такво превозно средство. При вкрстување на базите на податоци месеци наназад кај овие лица во системот стои дека имаат возило, меѓутоа необјасниво е како службите не постапувале по однос на истото со што се продолжила исплатата на парични средства, со што се предизвикала милионска штета на буџетот на Министерството, рече Велковски.

Тој одговарајќи на новинарски прашања, рече да се остават инспекциите да ги донесат заклучоците, односно решенијата од инспекциските надзори, па за да може да се постапува по истите.

- Досега, јас колку што сум запознаен, нема обвиненија по однос на оваа тема. Законот кажува дека и се враќаат средствата и една година остануваат без правото да аплицираат за гарантирана минимална помош, одговори Велковски на новинарско  прашање. бд/аа/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан