• сабота, 16 ноември 2024

Кабинет на премиерот Ковачевски: За осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме

Кабинет на премиерот Ковачевски: За осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме

Скопје, 12 август 2023 (МИА) - Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Ви посочува дека пред сѐ, оваа посета на премиерот на Косово, Албин Курти е приватна посета, и за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан Ве молиме да се обратите кај организаторот, се вели во соопштението од Владата по повод реакциите по вчерашната посета на премиерот на Косово, Курти во Тетово и во Скопје.

- Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја членка на НАТО и во таа насока Ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Дополнително Ве информираме дека од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Република Косово во Република Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата, се појаснува во соопштението.

Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.

- Посочуваме дека сите држави од регионот кои сакаат истиот да е просперитетен, економски развиен и интегриран во Европската Унија и кои сакаат да градат пријателски односи со своите соседи, треба со сите свои постапки да ги продлабочуваат пријателствата и меѓу државите и меѓу граѓаните, и да инсистираат на почитување пред сѐ на државните одбележја како и на мултикултурните специфичности на секоја од државите од регионот. Република Северна Македонија како функционално мултикултурно и мултиетничко општество е пример за земја која ги почитува различностите и интензивно гради добрососедски односи со сите свои соседи, базирани на почитување и соработка која треба да придонесе кон понатамошен развој и на земјата и на регионот, појаснуваат од Владата.

Дополнително, иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора Македонска Бригада. Посочуваме дека локалната самоуправа требало изминатиот период поревносно да си ја врши својата работа и досега да изгради нова улица која ќе ја именува согласно законските процедури.

Преименување на улицата која го носи името „Втора Македонска Бригада“, за ВМРО-ДПМНЕ е нејасно како е можно улица во главниот град да добие име на личност која нема врска со македонската историја, а на целиот настан, како што стои во реакцијата од партијата, на кој нема ниту едно македонско знаме, да присуствува премиер на странска држава. Според СДСМ, сите одговори на прашањата околу вчерашните настани во Скопје и Тетово, ДПМНЕ, како што стои во нивната реакција, нека си ги побара од Христијан Мицкоски. - Токму Христијан Мицкоски треба да излезе пред јавноста и да одговори. Неформалните коалициски партнери на Мицкоски и ДПМНЕ се организатори на настаните во Скопје и Тетово. Касами стана градоначалник со поддршката и гласовите на ДПМНЕ, а нивната заедничка соработка продолжува и во Советот, во Собранието но и за други теми, велат меѓу другото во реакцијата од СДСМ.

Во реакцијата од ЛДП меѓу другото стои дека национализмот не носи ништо и никому добро во мултиетничко општество, а е извор само на конфликти и омраза.

За претседателот на Европската Демократска Партија, Аријанит Хоџа посетата на косовскиот премиер доаѓала во вистински момент бидејќи Курти испратил порака до партиите да внимаваат со кого соработуваат.

Според кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, настаните во Скопје и во Тетово, ја фрлаат во вода паролата Едно општество за сите. Особен проблем е, смета Димитриевски, истакнувањето на обележја на таканаречената Голема Албанија, како и неинтонирањето на државната химна.

Обединета Македонска Дијаспора (ОМД) пак бара од Владата, да напише протестно писмо кон Косово, да го прогласи Албин Курти за персона нон-грата.

- Почитувани сонародници Албанци во Северна Македонија. Не му верувајте на измамникот Албин Курти. Во Косово ги блокира сите патишта и проекти, вклучително патот за Плав (во Црна Гора). Откако не може веќе да ги лаже Косоварите, дошол да ве лаже вас, за патот Тетово-Призрен. И во Албанија се обиде исто, но не му поверуваа и го избркаа. Немојте ни вие да станете жртви на неговите измами, порача поранешниот косовски премиер, лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај. цр/

Фото:МИА архива

Остани поврзан