• сабота, 04 јануари 2025

Италијанскиот гигант „Леонардо“ се залага за заеднички европски напори во одбраната

Италијанскиот гигант „Леонардо“ се залага за заеднички европски напори во одбраната

Рим, 2 јануари 2025 (МИА) - Директорот на италијанската одбранбена компанија „Леонардо“ повика на заеднички европски одбранбен буџет за здружување на инвестициите, според изјавите објавени денеска од германскиот весник „Зиддојче Цајтунг“.

- Европа мора да премине од финансирање одбранбени иницијативи преку национални буџети кон европски фонд, изјави Роберто Чинголани за „Зиддојче Цајтунг“, додавајќи дека, иако тоа нема да се случи преку ноќ, сепак не може да трае уште десет години.

Тој нагласи дека Европа инвестира значително, но неефикасно во одбраната: „Не е важно колку инвестираме, туку како инвестираме.“

- Секој работи на свои стратегии, оружени системи и платформи, но оваа работа треба подобро да се координира, додаде Чинголани.

Тој истакна дека неодамнешното именување на комесар за одбрана во ЕУ е важен чекор напред.

- Сакаме да промовираме алијанси во европската одбранбена индустрија, рече Чинголани, додавајќи дека европските компании, иако големи, не се ни приближно големи како американските.

„Леонардо“ има за цел преку ваква соработка да создаде „европски гиганти,“ додаде тој.

Со речиси 60.000 вработени и годишен обрт од повеќе од 15 милијарди евра, „Леонардо“ е една од најголемите одбранбени компании во светот, активна во области како електроника, кибер-безбедност и воздухопловство.

Во октомври, „Леонардо“ потпиша договори за заедничко производство на борбени тенкови со германскиот производител на оружје „Рајнметал“ и има голем удел од околу 23 отсто во германската компанија за сензорска технологија „Хензолт.“

Италијанската фирма исто така учествува во изградбата на борбените авиони Ф-35 и Еурофајтер. ссм/

фото: Леонардо

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан