• понеделник, 23 декември 2024

Исчезнуваат обичаите за Василица во Кумановско

Исчезнуваат обичаите за Василица во Кумановско
Куманово, 14 јануари 2022 (МИА) - Исчезнуваат обичаите поврзани со празникот Василица во Кумановско, велат етнолозите од кумановскиот музеј.  Свети Василиј се прославува како домашна слава, а во голем број семејства во Кумановско се подготвуваат јадења во кои главна состојка е пченкарно брашно. Дел од обичаите кои беа карактеристични за овој крај, веќе исчезнуваат, но етнолозите од кумановскиот музеј ги документираат со фотографии и видеозаписи за да се зачуваат од заборав. Различни обичаи имало во кумановските села, во не толку далечно минато. - Според јулијанскиот календар на 13 јануари на полноќ настапува Православна Нова година, а на 14 јануари е празникот Василица кој се поврзува со светецот Свети Василиј Велики за кој се поврзани повеќе народни обичаи кои денеска се во изумирање на повеќе места, а во градот целосно се изумрени. Иако, во најголем број во кумановските семејства обичајот со кршење на лепче со паричка се изведува за време на бадниковата вечера, претставниците на христијанската црква во последните години апелираат дека овој обичај треба да се случува токму на Василица, појаснува виш кустос етнолог, Надица Петковиќ од НУ Музеј Куманово. Според верувањата, појаснуваат етнолозите празникот се паѓа во време на т.н некрстени денови (период од Божиќ до Богојавување). За да се избркаат лошите духови во одредени краишта како што се Орашац се изведуваа поворките „Џамалари“. Оваа обредна игра под маски позната како „Џамала“ и во неа учествувале исклучиво машки лица со антропоморфни и зооморфни макси. Џамаларите или како уште ги нарекувале „сировари“ на овој ден оделе од куќа на куќа, пееле обредни песни и со себе носеле „тропатала“, со цел да се разбудат домаќините и да се сетат на традицијата добивајќи храна и пари. - Овие 12 дена во народното верување биле многу опасни поради кои се вршат разни обреди со заштитно (апотропејско) значење. Се верувало дека во оваа „глуво доба“ шетаат душите на мртвите и други лоши сили. За кумановскиот крај позната натприродна сила е т.н „караконџула“ која ги напаѓала децата. За одбрана од овие лоши сили за време на претстојниот празник во кумановскиот крај се изведувале маскирани поворки познати како „Џамалари“, појаснува Петковиќ. Инаку, традиционално на кумановската трпеза домаќинките спремаат: топеница или качамак, се користи свинска маст, како и производи од свинско потекло како чварки, сланина и суво месо сето оваа се надополнува со расолница и домашно црвено вино. - Интересно е да се спомене дека во текот на теренските истражувања во градот, во населбата Средорек каде живее ромско население, овој празник традиционално се прославува Василица или „Васуљица“. По повод на празникот населението од овој крај спремаат богата трпеза составена од зелник лепче со паричка, како и курбан од пердувесто животно,вели Петковиќ. Етнолозите велат дека обичаите за празниците се дел од духовната култура и дел од традиционалното народно творештво. ам/цр

Остани поврзан