• петок, 22 ноември 2024

Истражување: Повеќе од 18.000 деца бегалци исчезнаа во Европа во последните три години

Истражување: Повеќе од 18.000 деца бегалци исчезнаа во Европа во последните три години
Бон, 18 април 2021 (МИА) - Според анализата на новинарската група „Изгубени во Европа“ (Lost in Europe), во која соработуваат репортери од лондонски Гардијан, холандскиот сервис ВПРО, германски РББ и други медиуми, од 2018 до 2020 година во Европа исчезнале 18.292 деца кои пристигнале како „малолетни бегалци без придружба“ и за кои беа одговорни институциите на европските земји, јавува Дојче веле. Можно е повеќе деца да исчезнале, бидејќи има големи разлики во обработката на податоците меѓу земјите. Франција, Данска и Романија не собираат податоци од ваков вид, додека Бугарија не прави разлика помеѓу малолетници кои доаѓаат со старатели и оние кои доаѓаат сами. Европската комисија е свесна за овие проблеми. Европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон наведува дека Брисел им посочи на членките на ЕУ дека „тие мораат да сторат повеќе против исчезнувањето на децата бегалци, меѓу другото, со подобро собирање податоци“. Претставничката на меѓународната организација за детски права ECPAT, Верена Кек, смета дека реалниот број на деца на кои им се губи трага во Европа е всушност многу поголем. Таа ја критикува ЕУ што не се занимава со проблемот заеднички и за тоа дека не постои централен регистар на исчезнати лица. - Ова може да има фатални последици врз децата и младите, бидејќи тие можат да влезат во ситуација во која би биле експлоатирани. И, ако никој не знае дека недостасуваат, никој не ги бара, рече Кек. Виетнамско девојче, кое исчезна од германскиот државен дом за деца, во провинцијата Бранденбург, полицијата случајно ја пронајде неколку месеци подоцна при претрес на стан во Берлин. Девојчето живеело со виетнамски пар кој нелегално продавал дрога и цигари. Девојчето било принудено да работи во студио за маникир за 300 евра месечно, да продава цигари и да доставува наркотици. Во Германија, во последните три години се пријавени 7.806 исчезнати деца, од кои 724 сè уште не се пронајдени. Најчесто исчезнуваат децата од Авганистан, а потоа следат Мароко и Алжир. Посебен проблем е лошо водената статистика. Германската федерална канцеларија за криминалистика, надлежна за регистарот на исчезнати лица, признава дека некои деца бегалци се евидентирани како исчезнати неколку пати, додека други се изоставени, пренесува Дојче веле. Претставникот на организацијата Германска помош за деца, Холгер Хофман, го оценува немањето на сигурни податоци како „скандал“ и додава дека „ваквите дупки во знаењето ја отвораат вратата кон криминалните мрежи“. Уште во 2016 година, Европол предупреди на криминални мрежи кои ги експлоатираат децата кои сами бегаат во Европа. Германските власти во јануари годинава објавија дека знаат за виетнамските банди кои тргувале со луѓе. ссм/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан