• сабота, 23 ноември 2024

Истражување на Евротинк: Граѓаните најголема доверба имаат во Армијата, религиските институции и полицијата, најмала во Обвинителството и судството

Истражување на Евротинк: Граѓаните најголема доверба имаат во Армијата, религиските институции и полицијата, најмала во Обвинителството и судството

Скопје, 12 април 2024 (МИА) – Граѓаните најголема доверба од 44 отсто имаат во Армијата, потоа следат религиските институции со 35 отсто, полицијата со 28 отсто, па претседателот на државата со 24 отсто. Владата традиционално е на средина на рангирањето со доверба од 18 отсто, а најниска доверба имаат Собранието со 12 отсто и Обвинителството и судството со по 9 отсто, покажуваат резултатите од истражувањето „Еврометар 2024“ што го спроведе Центарот за европски стратегии – Евротинк.

Анкетата е спроведена телефонски од агенцијата „Брима“ врз репрезентативен примерок од 1.001 испитаник во периодот од 31 јануари до 14 февруари годинава со маргина на грешка од 3,1 проценти во рамките на истражувањето „Перцепции и ставови на граѓаните за работата на полицијата во февруари 2024 година“.

-Во ова мерење има мал раст на довербата во полицијата која е институција во фокусот на овој проект. Традиционално Армијата и религиозните заедници се наоѓаат на првите две места, а полицијата на четврто, но овој пат е на трето место. Потоа следат претседателот на државата, невладините организации  и безбедносно разузнавачки институции. Владата е некаде на средина со 18 проценти доверба, ДКСК и народниот правобранител се со доверба од 15 и 13 отсто и на дното се Собранието, судството и Обвинителството. Има мало враќање на довербата кај Обвинителството и судството кои претходно имаа доверба од 7, односно 6 отсто, рече Александар Стојановски од Евротинк на денешната средба со новинарите.

Нагласи дека во мерењето има доминантно изразена недоверба освен кај првите две институции. Кај полицијата има генерално подобрување на перцепцијата на испитаниците освен во делот на работата на управните служби за издавање на лични документи.

-Кај полицијата највисоко оценет аспект е професионалноста со 31 отсто, а најниско оценет – независноста на таа институција од партиски, владини и бизнис интереси со 12 отсто. Доминираат негативни ставови во мерењето за оваа година што е слично со претходните мерења што сме ги правеле, посочи Стојановски.

На прашањето дали граѓаните веруваат дека полицијата ќе ги заштити доколку нивната безбедност е загрозена, како што кажа, одговорите се речиси исти со претходните мерења и додаде дека поголем дел од нив сметаат дека ќе ги заштити. Една петина од испитаниците имала некаков контакт со полицијата и во најголем дел граѓаните сами побарале контакт со полицијата. Од оние што имале контакт со полицијата голем дел имале потреба да пријават настан во внатрешната контрола. Расте и свесноста за надворешна контрола на работата на полицијата.

-Речиси 34 проценти о испитаниците ја оценуваат достапноста на информации поврзани со вадење на документи како лоша, а скоро 40 проценти како лоша ја оценуваат работата на управните служби на полицијата кои се одговорни за издавање на документи. Споредено со 2022 година оценката за слаба достапност на информации поврзани со процедурите за вадење на документи е околу 23 проценти, додека за работата на управните служби во 2022 година само 23 отсто од испитаниците дале лоша оценка. Во врска со работата на управните служби годинава само 20 отсто од испитаниците изразиле задоволство, додека во 2022 година процент бил дури  50 отсто, потенцира Стојановски.

Тој смета дека високата доверба на Армијата не се должи на влегувањето на земјава во НАТО.

-Довербата во Армијата не би ја поврзувал со нашето влегување во НАТО. Веројатно граѓаните ја гледаат оваа институција како поголем заштитник или институција која е најимуна на влијанијата како што се партизирање, корупција, злоупотреба, инструментализација на институцијата во различни цели, рече Стојановски.

Истражувањето е направено во рамки на проектот „Подобрување на отчетноста и транспарентноста на полицијата“ што се спроведува од јули 2022 година до јуни 2024 година и е подржано од Националниот фонд за демократија на САД.

-Главна цел на проектот е да ги поттикне постојните и да развие нови  добри практики и ефективни механизми за поголема отчетност и транспарентност на полицијата, рече Димитар Николовски од Евротинк.

Во рамки на проектот, како што кажа, се преземени активности за развивање на методологија за мониторинг на отчетноста и транспарентноста и три мерења, како и три обуки за претставници на полицијата, надворешните механизми за контрола на полицијата и новинарите. Направени се и осум регионални средби меѓу граѓаните, полицијата, новинарите и граѓанското општество. Евротинк претходно вакви истражувања правеше и во 2020, 2021 и 2022 година. вј/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан