• понеделник, 22 јули 2024

Истражување на Галуп Интернејшенел за перцепцијата на луѓето за основните демократски вредности

Истражување на Галуп Интернејшенел за перцепцијата на луѓето за основните демократски вредности
Скопје, 22 февруари 2021 (МИА) - Слободни и фер избори, од една страна, и управување според волјата на народот - од друга страна, се предуслови за силна демократија, но, само 37 проценти од граѓаните кои живеат во демократските земји се согласуваат дека овие два предуслова се исполнети во нивните земји, една третина (33 проценти) од анкетираните изјавуваат дека ниту еден предуслов од овие два не се исполнети, а 23 проценти веруваат дека само еден од нив е исполнет во нивната земја. Ова се дел од резултатите на најновото глобално истражување Гласот на народот (VOP), спроведено од Gallup International Association (Галуп Интернејшенел)  кое седум децении ја следи перцепцијата на луѓето во однос на управувањето и правичноста на изборите. Со истражувањето се опфатени 44 земји низ светот и околу 42 000 возрасни граѓани, на национално репрезентативен примерок со околу 1000 мажи и жени кои биле интервјуирани во текот на октомври - декември 2020 година, (лице в лице, преку телефон или преку Интернет“. Маргината на грешка за истражувањето е помеѓу + 3-5 проценти на ниво на доверба од 95 проценти. Во РС Македонија истражувањето го спроведе БРИМА со телефонска анкета со национално репрезентативен примерок од 500 испитаници На прашањето дали државите се управувани според волјата на својот народ, 46 проценти од светската популација се согласува дека нивната земја е управувана од волјата на луѓето, во исто време скоро еднаков е уделот на оние што не се согласуваат. Најмногу позитивни одговори се забележани во Азербејџан (84%), Индија (83%) и Гана (81%). Најмалку задоволни со демократијата во нивните земји се земјите на Источна Европа, Латинска Америка и Русија – околу една третина позитивни одговори. И тоа Босна и Херцеговина (8%), Бугарија (19%) и Колумбија (22%) Од анкетираните граѓани во РС Македонија на прашањето „дали нашата земја е водена според волјата на народот” 29 проценти рекле дека се согласуваат со ова тврдење, а 70 проценти изјавиле дека не се согласуваат. Во однос на прашањето дали изборите се слободни и фер, 53  проценти од луѓето ширум светот ги сметаат изборите во нивната земја за слободни и фер, а 42 проценти имаат спротивно мислење. -Асоцијацијата ги измери овие ставови неколку пати на различни начини од почетокот на векот. И покрај малите разлики, треба да се набљудува општиот тренд: нема значителна промена во ставот на луѓето кон оваа тема. Луѓето се чини дека повеќе веруваат во правичноста на изборите, отколку во демократското управување и почитување на нивната волја, како целина, се оценува во истражувањето. На ниво на регионални и големи нации, повторно луѓето во Индија (80%) се едни од најзадоволните од изборите во нивната земја во однос на слободата и правичноста, по што следат граѓаните во Западна Европа (77%).  Најмалку задоволни од изборниот процес се луѓето на Блискиот исток (35%), Русија (36%) и Африка (40%). Луѓето во Финска скоро едногласно се согласуваат дека изборите во нивната земја се генерално слободни и фер - така тврдат 94% од испитаниците. Позитивните одговори се широко распространети во Австрија (84%), Германија (82%) и Гана (82%). Најмалку задоволни од изборната правичност и слобода во нивната земја се луѓето во Нигерија (15%), Ирак (14%) и Босна и Херцеговина (9%). На прашањето „дали изборите во нашата земја се слободни и фер”, 49 проценти од анкетираните граѓани во РС Македонија се согласуваат со ова тврдење, а 45 проценти не се согласуваат, 7 проценти немаат мислење. Индексот Гласот на народот (Voice of the people) (1 и 2), изработен од Галуп Интернејшенел, ги комбинира ставовите на луѓето кон двете изјави „Со мојата земја владее волјата на народот“ и „Општо, изборите во мојата земја се слободни и фер“ и на тој начин ја одразува перцепцијата на луѓето за основните демократски вредности. -Според индексот VOP (1), 37% од анкетираните испитаници се согласуваат дека нивната земја е управувана од волјата на народот и изборите се слободни и фер - гласот на народот таму се смета за силен. Третина од испитаниците ширум светот изјавуваат дека нивната земја не е управувана од волјата на народот, ниту се изборите слободни и фер - што може да се опише како слаб демократски глас. Дваесет и три проценти сметаат дека има недоследност во спроведувањето на двата основни механизам на демократија во нивната земја - мешана демократија, наведуваат од Галуп Интернејшнл. Според Канчо Стојчев, претседател на Gallup International Association иако демократијата е збир на јавни правила кои се објективно мерливи, субјективната перцепција на луѓето што ја рефлектира индексот на VOP е од клучна важност. -Демократијата е силна само ако народот ја препознае нејзината сила, вели Стојчев. вг/лв/  

Остани поврзан