• вторник, 19 ноември 2024

Истражување на агенцијата Медијана: Бугарија влегува во нова политичка криза

Истражување на агенцијата Медијана: Бугарија влегува во нова политичка криза

Софија, 29 јули 2023 (МИА) - Бугарија влегува во нов тип на политичка криза, покажуваат податоците од репрезентативното истражување на Медијана, информира агенцијата за испитување на јавното мислење. Претходната криза беше производ на конфронтацијата меѓу партиите и нивната неможност да постигнат минимален консензус и да формираат влада. Партиите на крајот постигнаа некаков консензус, кој сепак е во остра спротивност со волјата и очекувањата на мнозинството гласачи кои изјавуваат - „Ова не е наша влада!“, посочува агенцијата Медијана.

Истовремено, одговорите на прашањето „За кого би гласале доколку изборите се одржат денеска“ покажуваат дека во парламентот би влегле истите партии кои сега се во Народното собрание и во иста конфигурација. За ГЕРБ-СДС би гласале 23,3 отсто, за „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ – 18 отсто, за „Преродба“ 15,4 отсто, за ДПС 12,9 отсто, за БСП – 9 отсто, за „Има таков народ – 5,4 проценти, пренесува БТА.

Истражувањето е спроведено во периодот - 18 - 24 јули 2023 година со 976 лица (18+ години) преку директно стандардизирано интервју и е репрезентативно за возрасната популација во државата. Студијата е истражувачки проект на агенцијата „Медијана“ и е реализирана со сопствени средства.

Бугарскиот претседател Румен Радев ужива највисока доверба меѓу учесниците во анкетата, а меѓу политичките лидери со најголема поддршка се Бојко Борисов, Корнелија Нинова и Костадин Костадинов.

На прашањето „За кои од овие политичари би рекле дека се навистина добри политичари“, 53 испитаници го посочиле Румен Радев, лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов -29, лидерот на БСП Корнелија Нинова - 23, лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов – 23. Лидерот на „Има таков народ“ Слави Трифонов го именуваа 18 испитаници, лидерот на ДПС Мустафа Карадаи 17. По 17 гласа добија и премиерот Николај Денков и министерот за финансии Асен Василев. Вкупно 47 отсто од учесниците во анкетата изјавиле дека владата на Николај Денков ги разочарала, 20 проценти се со спротивно мислење и посочиле дека кабинетот внел надеж, додека 33 отсто рекле дека не знаат да кажат.

Анкетата ги испитува и ставовите за воведувањето на еврото, руската агресија во Украина и заканата од светска војна.

Зголемена вознемиреност во врска со опасноста од глобална, светска војна, покажуваат резултатите од студијата. За само три месеци, бројот на луѓе кои веруваат дека постои сериозна опасност од светска војна (во која ќе биде вклучена и Бугарија) е зголемен за 16 отсто, а тоа е речиси половина од возрасната популација, односно 47 проценти.

Реакцијата на бугарското општество во однос на оваа зголемена вознемиреност и стравувања, „Медијана“ ја резимира како изразен стремеж за изолационизам - дистанцирање на Бугарија од конфликтот во Украина, дистанцирање од еднослојната проценка на „доброто и лошото“ (и во оваа смисла дистанцирање од главниот наратив на ЕУ и НАТО), дистанцирање од еврозоната. Грубо кажано, јавното мислење се консолидира околу разбирањето дека „Светот се тресе, оди лошо - сега не е време да се држиме блиску до никого!“, истакнува социолошката агенција во своите заклучоци.

Само 26 отсто од возрасните Бугари ја оценуваат руската агресија како неиспровоцирана и неоснована (36 проценти сметаат дека Русија била испровоцирана да нападне); 65 проценти веруваат дека Бугарија не треба да и дава оружје на Украина (17% се „за“); 60 отсто сметаат дека Бугарија во овој конфликт не треба да ги поддржува ниту Русија ниту Украина и треба да биде што е можно понеутрална (19 отсто ја поддржуваат Украина; 9 отсто веруваат дека треба да се поддржи Русија), покажуваат податоците од истражувањето.

Во однос на еврото (еврозоната), јавното мислење е во остра дисонанца со наведените намери на властите. Само 21 отсто сметаат дека е добро да се замени левот со евро во следните две до три години, наспроти 59 проценти кои велат: „Сега не е време“!

Половина од возрасните веруваат дека референдум за воведување на еврото мора да се одржи, а само 11 отство се на мислење дека референдумот не треба да се одржи (која одлука и да донесе владејачкото мнозинство во парламентот). Причината за отфрлање на референдумот е лесно разбирлива за јавноста, кои велат - сакаат да не однесат каде што не сакаме, без да се консултираат со нас (60 отсто од потенцијалните учесници на референдум би гласале „против“, наспроти 23 отсто „за“), посочува бугарската агенција Медијана. ссм/

Остани поврзан