• понеделник, 23 декември 2024

Испитани оштетени во случајот со Жан Митрев, судењето продолжува на 17 април

Испитани оштетени во случајот со Жан Митрев, судењето продолжува на 17 април

Скопје, 8 април 2024 (МИА) – Судењето за Жан Митрев продолжува на 17 април откако во Основен Кривичен суд Скопје, на предлог на Обвинителството, денеска беа испитани оштетени во случајот.

Двете оштетени беа испитувани во однос на лекувањето на нивните родители во болницата „Жан Митрев“.

На почетокот од судењето, одбраната побара од судот да донесе решение дека со соопштението објавено на веб-страната на Основното јавно обвинителство е сторена повреда на пресумпцијата на невиност на обвинетиот Жан Митрев и правното лице. Судот го одби предлогот со образложение дека во оваа фаза на постапката, односно доказна постапка, се изведуваат доказите и судот одлуката ја носи исклучиво врз фактите и доказите што ќе се утврдат на главната расправа со непристрасна оценка на доказните средства кои се изведени.

Предметот е оформен по допрен глас, откако минатата година се објави документарец во кој се тврди дека приватната болница „Жан Митрев“ им наплаќала на пациенти високи суми пари за хемофилитрација при лекување од Ковид-19, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

 Како што информираа од ОЈО - Скопје за овој предмет, не станува збор за „измама на пациенти“, односно совесноста и несовесноста на лекувањето не е предмет на ова кривично дело, туку за класична измама, односно прикривање на клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод за кој пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.

Процесот го води судијката Лидија Петровска, а застапник на обвинението е обвинителката Искра Хаџи Василева.ар/са/
Фото: МИА архива 

Остани поврзан