• недела, 22 декември 2024

Исечени неколку десетици стебла во долж и во коритото на река Пена

Исечени неколку десетици стебла во долж и во коритото на река Пена

Тетово, 11 март 2024 (МИА) - Во текот на вчерашниот ден се исечени неколку десетици дрвја со различна големина долж реката Пена во правец кон месноста Бањиче, за што од Општина Тетово и комуналното претпријатие посочија дека се прави со цел чистење на коритото и спречување на поплави. На сечењето на дрвјата до нашата редакција стигнаа повеќе реакции, а воедно работата била прекината. 

- Поголема глупост не можеле да направат. Секаде се садат дрвја, тие овде ги сечат. Тие не се ни суви, имаше сенка, природа. Вчера ги сечеа. Браните ги спречуваат поплавите. Ова што го гледате овде е масакр. Ова е вчера направено. Одам редовно овде и вчера кога видов, страшна работа беше. Ова е штета за природата, видете како е голо се. Не се садат нови, а се сечат, многу е лошо тоа, изјавија граѓани кои пешачат долж реката кон месноста Бањиче.

Од Јавното комунално претпријатие „Тетово“ обвинија дека поради политички мотиви е спречена нивната акција за расчистување на коритото на реката Пена. Тие потврдија дека по сечење на дел од дрвјата биле спречени од полицијата и шумска полиција да ги отстранат исечените стебла.

- Денеска дрвјата се на истото место каде што беа и вчера. Од шумската полиција вчера рекоа дека денеска ќе ги отстранат, бидејќи според нив немаме право да ги транспортираме. Јасно се гледа дека нивната цел е само да ја попречат нашата работа. Кое е решението што го понудија? Ништо. Дрвјата се тука и не ги отстранија, кој ќе одговара сега откако не спречија вчера, кој ќе одговара во случај на поплави? ДУИ ги загрозува животите на граѓаните само за да им попречи на другите, не им е ништо друго важно освен нивната дневна политика, изјави директорот на ЈКП Тетово, Самет Бислими.

Од СВР Тетово информираа дека вработен во ЈП „Национални шуми“-Тетово вчера во СВР Тетово пријавил дека во месноста Бањиче во Тетово, без нивна дозвола, вработени во Општина Тетово вршат сеча на дрвја.

- На посоченото место веднаш се испратени полициски службеници на СВР Тетово, кои утврдиле дека станувало збор за планирани активности на општината, кои не се во надлежност на СВР Тетово и за тоа изготвиле соодветен писмен материјал, се вели во соопштението на СВР Тетово.

Нгадњим Мехмети, еколошки активист вели дека за поздравување е чистење на коритото, во насока да се спречат поплави поради повеќе годишната лоша состојба, но доколку се сечат стебла треба сериозен и посеопфатен пристап поради значајноста на дрвјата.

- Треба да видиме дали еколошки елаборат, кој го има направено донесено оваа одлука и дали има направено тест, кој дрва треба или не треба да се сечат. Ако им се остава на работниците на ЈКП не сме баш сигурни дека имаат направено добра одлука. Ние сме против сечење на секое едно поединечно дрво, освен само ако нема негативен ефект за да биде пречка за можна поплава, инаку не би смеело ни едно дрво да се сече, се знае колку години треба да има додека да расте, позитивните ефекти кои ги има, врз животната средина, изјави Мехмети.

Патот и пешачката патека долж реката Пена од црквата Пресвета Богородица до месноста Бањиче се користи за рекреативни намени за пешачење, трчање, велосипедизам и има должина од два километри. ас/сст/


фото МИА 

Остани поврзан