• недела, 22 декември 2024

Ирачки разузнавачи откриле каде се наоѓа лидерот на ИД

Ирачки разузнавачи откриле каде се наоѓа лидерот на ИД
Багдад, 3 февруари 2022 (МИА) - Портпаролот на ирачката армија Јахја Расол денеска изјави дека ирачката разузнавачка службадала точни инфпормации за да се лоцира лидерот на Исламска држава, Абу Ибрахим ал Хашеми ал Кураиши. Ал Кураиши загина за време на акцијата на американските специјалци во северниот дел на Сирија, откако детонира бомба, при што загинаа и членови на неговото семејство. Сириските спасувачи соопштија дека најмалку 13 луѓе, меѓу кои жени и деца загинаа во престрелката и експлозијата по упадот на американските специјалци во куќа во подрачјето на Атмех, што е лоцирано во близина на границата со Турција. Голем број групи поврзани со Ал Каеда дејствуваат во северозападна Сирија, последното големо упориште на бунтовниците против сирискиот претседател Башар ал Асад. Таму се кријат и лидерите на ИД. - Благодарение на нашите способни и храбри војници, го елиминиравме лидерот на ИД од бојното поле. Сите Американци сигурно се вратија од акцијата, изјави американскиот претседател Џо Бајден. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби акцијата ја оцени како успешна антитерористичка мисија во која нема жртви помеѓу Американците. - Ова е значајна победа на силите на коалицијата за пораз на ИД, во борбата да се запре и расформира групата, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Тој додаде дека САД презеле вонредни мерки на грижа за заштита на цивили и спречување жртви кои не учествуваат во борбите. - ИД повторно си го откри лицето со рамнодушноста кон човечкиот живот, вклучувајќи жени и деца, откако ал Кураиши одбра да детонира бомба усмртувајќи го сопственото семејство, истакна Блинкен. Тој посочи борбата продолжува и дека „смртта на ал Кураиши е значаен удар за ИД, а целта на коалицијата е конечен пораз на ИД“. Ал Кураиши ја предводеше екстремистичката група по смртта на Абу Бакр ал Багдади, кој исто така се саморазнесе во 2019 година  откако бил откриен од американската армија на границата меѓу Сирија и Турција. ми/

Остани поврзан