Иран негира мировни преговори: САД преговараат сами со себе
- „Стратешката сила за која зборувавте се претвори во стратешки неуспех“, рече тој. „Оние кои тврдат дека се светска суперсила, досега ќе се извлечеа од овој хаос доколку можеа. Не го маскирајте вашиот пораз како договор. Вашата ера на празни ветувања заврши“. Золфагари дополнително праша дали внатрешните конфликти во САД стигнале до точка каде тие мораат да преговараат самите со себе.
Техеран, 25 март 2026 (МИА) - Портпаролот на иранските вооружени сили ги отфрли тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран бара договор за прекин на војната на Блискиот Исток, нагласувајќи дека САД „преговараат само со самите себе“.
Потполковник Ебрахим Золфагари, портпарол на Генералниот штаб на иранските вооружени сили, оваа изјава ја даде во претходно снимено видео емитувано на државната телевизија.
„Стратешката сила за која зборувавте се претвори во стратешки неуспех“, рече тој. „Оние кои тврдат дека се светска суперсила, досега ќе се извлечеа од овој хаос доколку можеа. Не го маскирајте вашиот пораз како договор. Вашата ера на празни ветувања заврши“. Золфагари дополнително праша дали внатрешните конфликти во САД стигнале до точка каде тие мораат да преговараат самите со себе.
Оваа реакција доаѓа кусо откако администрацијата на Трамп му испрати на Иран план за прекин на огнот во 15 точки. „Нашиот прв и последен збор е ист од првиот ден и нема да се промени: некој како нас никогаш нема да се договори со некој како вас. Ниту сега, ниту некогаш“, дециден е Золфагари.
Истовремено, иранскиот Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) објави дека истрелал ракети и дронови кон северниот и централниот дел на Израел, вклучувајќи го и Тел Авив.
Извршени се напади и врз четири воени бази што ги користат САД – две во Кувајт и по една во Бахреин и Јордан. Претходно, кувајтските власти известија за пожар во резервоар за гориво на меѓународниот аеродром во Кувајт по удар од дрон, при што нема пријавено повредени. ссм/аб/
фото: архива