Иран ги протера инспекторите на ОН, МААЕ бара итен дијалог
- Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ја напуштија територијата на Иран откако земјата формално ја суспендираше соработката со оваа агенција на ОН, јави ДПА.
Техеран, 4 јули 2025 (МИА) – Инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) ја напуштија територијата на Иран откако земјата формално ја суспендираше соработката со оваа агенција на ОН, јави ДПА.
МААЕ на платформата Икс соопшти дека тимот инспектори, кои останале во земјата за време на неодамнешната војна, безбедно пристигнал во Виена.
Генералниот директор на агенцијата Рафаел Гроси повторно ја истакна „критичната важност на продолжувањето на разговорите со Иран за што поскоро обновување на неопходните активности за мониторинг и верификација“.
Според дипломатски извори, во Иран останале само неколку експерти на МААЕ. Агенцијата не соопшти колкумина инспектори биле во земјата и дали сите сега ја напуштиле.
Иран во средата ја суспендираше соработката со агенцијата, а на инспекторите им беше забранет пристап до нуклеарните постројки по нивното оштетување во текот на војната со Израел и САД.
Иранските пратеници претходно побараа протерување на преостанатите инспектори на МААЕ. Владата на Иран ја обвини агенцијата дека со својот критички извештај ги легитимирала израелските напади. Гроси дури беше наклеветен како „израелски шпион“.
Во тој контекст, иранскиот дневен весник Кејхан, близок до „тврдата“ линија, повика на „апсење и егзекуција“ на Гроси, што предизвика осуда на Западот.
Примирјето меѓу Иран и Израел беше постигнато минатата недела по 12-дневна војна. Прекин на огнот беше договорен по американска интервенција, откако САД ги бомбардираа трите најважни ирански нуклеарни објекти со специјални бомби за подземни цели. ссм/
фото: архива