Ирак и Азербејџан му понудија помош на Иран
- Ирак му понуди помош на Иран во пребарувањето на хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан
Багдад, 19 мај 2024 (МИА) – Ирак му понуди помош на Иран во пребарувањето на хеликоптерот со кој се превезуваа иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдулахиан.
Владата на Ирак им даде инструкции на Министерството за внатрешни работи, Црвената полумесечина и другите релевантни органи да помогнат во потрагата во иранската провинција Источен Азербејџан.
И претседателот на Азербејџан Илхам Алиев му понуди помош на Иран во пребарување на теренот.
Алиев истакна дека се моли за Раиси и оти е длабоко шокиран од веста за хеликоптерската несреќа, по нивната денешна средба.
Во меѓувреме, иранските медиуми објавија дека исчезнале тројца спасувачи кои трагаа по урнатиот хеликоптер.
Додека Иранската државна телевизија јави дека сè уште не е лоциран хеликоптерот, а во областа паѓа ноќ. Воздушната потрага е прекината поради лошите временски услови, а сите спасувачки операции во моментов се изведуваат од земја. ми/
фото: Икс