• четврток, 25 јули 2024

Почина новинарот Петар Ѕалев

Почина новинарот Петар Ѕалев

Скопје, 24 јули 2024 (МИА) - По кусо боледување денеска во Скопје почина Петар Ѕалев, долгогодишен новинар и уредник на Македонската радио-телевизија.

Ѕалев, e роден во Битола во 1959 година. Дипломирал новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а сиот работен век го поминува во Јавниот радиотелевизиски сервис.

Во неговиот богат авторски и новинарски опус, Ѕалев работи и уредува во стопанската редакција на тогашната Телевизија Скопје, а потоа и во Македонската телевизија. Уредник е на Внатрешно-политичката редакција, а во 2009 година е назначен за одговорен уредник на Информативната редакција на Првиот програмски сервис на Македонската телевизија. Бил и советник на извршниот директор на Македонската радиотелевизија, позиција од која заминува во пензија во 2023 година.

Петар Ѕалев е сведок на многубројните промени во јавниот сервис од независноста на државата. Ќе остане запаметен меѓу колегите по ведриот и колегијален дух, професионалноста со постојана подготвеност за објективно и навремено информирање на јавноста.

Погребот на  Петар Ѕалев ќе се изврши утре во 13 часот на градските гробишта Бутел. Еден час претходно (12:00 часот) неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капелата на гробиштата. дма/бак/

 

Остани поврзан