• недела, 29 декември 2024

Инфлацијата во САД највисока од 1991 година

Инфлацијата во САД највисока од 1991 година
Вашингтон, 14 октомври 2021 (МИА) - Порастот на потрошувачките цени во САД во септември малку ги надмина прогнозите, бидејќи поскапувањето на храната и енергијата го неутрализираа падот на цените на половните автомобили, објави американското Министерство за труд. Инфлацијата се зголеми за 0,4 проценти на месечно ниво во септември, достигнувајќи 5,4 проценти на годишно ниво, што е највисоко ниво од јануари 1991 година.
Аналитичарите на Доу Џонс прогнозираа месечен раст на инфлацијата од 0,3 проценти и меѓугодишен од 5,3 проценти. Основната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, се зголеми во септември за 0,2 проценти во споредба со претходниот месец, додека во однос на септември 2020 година, се зголеми за 4,0 проценти.
Овој пораст на инфлацијата се должи на порастот на цените на бензините од 1,2 проценти минатиот месец во споредба со август, со што цената на тоа гориво достигна 42,1 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Цената на мазутот се зголеми за 3,9 проценти и е повисока за 42,6 проценти во споредба со претходната година. Значителен раст минатиот месец е забележан и во цените на храната, при што намирниците за подготовка на оброци дома се зголемија за 1,2 проценти. Меѓународниот монетарен фонд предупреди дека ФЕД и другите водечки централни банки треба да подготват планови во случај инфлацијата да се покаже како поупорна од проценетата. паг/  

Остани поврзан