• недела, 22 декември 2024

Манчевски за МИА: Победата на правдата ќе има голем психолошки ефект кај секој граѓанин, особено кај младите

Манчевски за МИА: Победата на правдата ќе има голем психолошки ефект кај секој граѓанин, особено кај младите

Скопје,  август 2024 (МИА) - Со филмот владеат политички династии. Ако се наградуваат политички династии, младиот човек ќе биде демотивиран, односно ќе биде мотивиран што побргу да побегне. Ако види дека живее во фер општество, колку и да е тоа сиромашно, ќе има доверба во системот. Иако корупцијата што ја укажав изминативе години ја потврдија и државни институции, инспекции, Министерството за култура, а и Транспаренси интернешнл  – сепак, самата влада не ги казни виновниците за корупцијата, туку ме казни мене како укажувач, вели во интервју за МИА режисерот Милчо Манчевски.

-Се финансираат проекти на гангстери од политички династии, филмови кои никој не ги гледа ниту дома, ниту во странство, кои не се поддржани од светски копродукции, не играат на релевантни фестивали (за награди и да не зборуваме), домашната публика ги игнорира... Па, зошто тогаш се снимаат тие филмови, наместо филмови на талентирани млади (или докажани) автори? Дали некои од тие филмови вратиле дел од приходот на државата, како што пропишува законот (моите да)? Дајте ги фактите. Извештајот на Министерството за култура е прв чекор во отворањето на таа црна дупка на народни пари и невидливи филмови. Разрешувањето на овој проблем е битно не само за културата, туку и за тоа како граѓанинот ја доживува својата земја и дали ќе сака да живее во неа. Ова е војна со криминалци, со филмска мафија, ова не е кавга на две јатрви на капиџик или битка на кланови. Ова е борба за законитост наспроти политички прогон на укажувач на корупција, вели Манчевски.

Тој во интервјуто за МИА на прашање која е најголемата инспирација кога почнува да работи на нов проект, ја посочи радоста од создавање нешто од ништо, како и насмевката при создавање приказна и експериментирање во формата.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Во јавноста актуелен беше случајот кога вашите проекти беа блокирани од страна на Агенцијата за филм, откако вие оваа институција ја пријавивте до Антикорупциска комисија за коруптивно работење. Неодамна, во интервјуто за МИА министерот за култура Зоран Љутков информираше дека се готови ревизорските извештаи како и извештајот од Министерството за култура за Агенцијата за филм и истите ќе бидат упатени до надлежните институции.

Каква разврска очекувате од целиот случај?

Мило ми е што министерот тоа го најави, верувам во неговите добри намери. Само напред. А мило ми е и што премиерот го повика Обвинителство да реагира за корупција по допрен глас. Еве, јас го повикувам премиерот извештајот од неговото Министерство за култура да го проследи и до Обвинителството и до МВР, ама и да одржи прес-конференција во која ќе го објави тоа што истрагата го заклучила, па народот да знае колку се крадело во Агенција за филм и во ДФРМ, како се местеле конкурси, кој имал судир на интереси, итн. Финансирани се 39 филма кои не се никогаш снимени, а парите не се вратени; лани се потрошени 3,5 милиони евра за филм, а не е снимен ниту еден филм; не е поднесуван отчет за трошење државни пари на фестивалот Манаки и во ДФРМ; противзаконски е издржувано приватно здружение (ДФРМ), итн. Село без кучиња.

Ова е војна со криминалци, со филмска мафија, ова не е кавга на две јатрви на капиџик или битка на кланови. Ова е борба за законитост и политички прогон на укажувач на корупција со помош на државни институции, а укажувачот е – патем – и реномиран автор. 

Иако корупцијата што ја укажав ја потврдија и државни институции – ДЗР, ДКСК, инспекции и Министерството за култура  –  сепак, самата влада не постапуваше да ги казни виновниците за корупцијата туку ме казни мене како укажувач. 

Откако пред две години по втор пат пријавив корупција, местени конкурси, судир на интереси, државата ми забрани да работам и ми поднесе лажна кривична пријава, а партиските медиуми објавуваа лаги против мене. Со незаконска одлука на УО блокирани ми се претходниот и идниот филм. Ова е сè уште така и покрај тоа што се смени власта. 

Моите наводи ги потврдија повеќе институции задолжени токму за тоа: и Антикорупциска, и ДЗР и Транспаренси интернешнл и самото Министерство. Ми се јавуваа и странски амбасади. Антикорупциска побара директорот да биде разрешен, против него има и кривични пријави. Претходната влада и премиер го игнорираа сето тоа поради меракот на неколку корумпирани моќници и на партискиот секретар. Во еден момент владата го смени директорот, па после две недели го врати на истата позиција. Пу, пу, не важи! Извештајот на Министерството, составен од повеќе стручњаци – инспектори, правници и финансиски стручњаци – на 45 страни наведува еден куп криминални дејства, од корупција и судир на интереси, до злоупотреба на службена должност и кражба на буџетски пари. Покрај оние 39 неснимени филмови и незаконската издршка на приватното здружение (ДФРМ), се открива и дека седум години еден ист човек, Бранко Петровски, седел во моќната фотелја на финансиски советник, иако – според наодите на Министерството за култура – не ги исполнувал условите, и иако секоја година треба да се менува финансискиот советник, а држел и други функции. Ги советувал двајцата директори на Агенцијата против кои се поднесени кривични пријави токму за финансиски малверзации. Во извештајот се констатирани и судири на интереси, и концентрација на моќ, и фалсификат од страна на „Лист продукција“, блиска до челниците на ДФРМ и цел список на незаконско работење. 

Со други зборови, секоја релевантна институција ги потврди моите тврдења, моите заложби во македонската култура чесно да се работи – ама јас сум сè уште на црната листа. Сега чекам уште Црвениот крст и Хидро-метеоролошкиот завод да потврдат дека криминалот што го посочив навистина постои.

„Кајмак“

Мафијата ја користи државата, па така проектот што ми беше одобрен уште пред две години сè уште е блокиран; а и „Кајмак“ – мојот филм кој беше завршен во 2022, кој освои повеќе фестивалски награди и е продаден во 50 странски земји  – сè уште е блокиран со незаконска одлука, па нашите партнери од Данска, Холандија и Хрватска немаат официјална потврда од Македонија дека филмот е завршен, а екипата не може да биде исплатена до крај. Криминално е ова да му се прави било кому, без оглед на тоа дали е сериозен автор или не. Ве повикувам да ми кажете против кој уметник во Македонија од 1945 до денес е вака постапувано.

Меѓународната фела го гледа ова изживување. Венецискиот фестивал прати писмо во кое бара да запре политичката репресија против мене. Ја сфаќате ли тежината на овој чин на Венеција? Венеција! Поддршка искажаа и Меѓународната федерација на филмски критичари и Коалицијата за заштита на укажувачи на Југоисточна Европа и здруженијата на филмаџии во Италија. Ете како се троши угледот на државата за личен и партиски грабеж на шест гангстери плус нивните поддржувачи во власта.

Ме охрабрува фактот, како што велите, дека министерот ги проследил сèопфатните извештаи. Средување на криминалот ќе биде негов аманет во македонската култура. Морам да верувам на неговите добри намери, да верувам дека тој ќе инсистира да не завршат во фиока, а МВР и ОЈО убаво да ги разгледаат и да ги гонат сите оние кои правеле криминал. Ако сакаме нашите деца тука да стареат.

Правејќи одредена паралела, на пример од времето кога излезе „Пред дождот“ со времето сега, колкава е промената кај вас во односот на кој ја создавате филмската приказна?

Авторски, јас се менувам во правец на посуптилен наративен израз и на посубверзивни приказни, раскажани на поезотеричен начин. И тогаш и сега доаѓам до приказни едноставно и лесно ги пишувам. Сакам да раскажувам, а и раскажувањето ме сака мене. Нема полесна работа на свет одошто да раскажеш интересна приказна – само треба да живееш со отворени очи и отворено срце, да си играш и да бидеш вреден. Да те интересира твојата уметност, а не црвениот ќилим. 

„Пред дождот“
„Пред дождот“

И тогаш и сега со филмот владеат политички династии, ама она што се промени во меѓувреме е дека се изгуби радоста. Кога „Пред дождот“ доживеа глобален успех, кога – како што напиша „Чикаго трибјун“ – тој филм ја стави Македонија на светската мапа, кога го прогласија за еден од 1.000 најдобри филмови во историјата, луѓе се радуваа и на успехот и на топлината на самиот филм. Денес државата дури не го ни одбележува јубилејот – 30 години од премиерата и од наградите на филмот, успех кој Македонија не го повтори. Не знаеме дури ни да се израдуваме. 

Во општество во кое постојано излегуваат информации за сериозна партизираност и поделеност, филмот се соочува со проблеми и останува да стои на „стаклени нозе“. Како квалитетот, кој несомнено постои во државата, може да исплива на површина?

Во право сте, во Македонија постои филмски потенцијал, ама тој не се стимулира, туку се стимулира мафијата. Каде е отчетот – да видиме кој филм каква државна поддршка добил, а какви резултати донел? Дајте список. Направете прес конференција на крајот на секоја година. Се финансираат проекти на гангстери од политички династии, филмови кои никој не ги гледа ниту дома, ниту во странство, кои не се поддржани од светски копродукции, не играат на релевантни фестивали (за награди и да не зборуваме), домашната публика ги игнорира... Па, зошто тогаш се снимаат тие филмови, наместо филмови на талентирани млади (или докажани) автори? Дали некои од тие филмови вратиле дел од приходот на државата, како што пропишува законот (моите да)? Дајте ги фактите. Извештајот на Министерството за култура е прв чекор во отворањето на таа црна дупка на народни пари и невидливи филмови. Разрешувањето на овој проблем е битно не само за културата, туку и за тоа како граѓанинот ја доживува својата земја и дали ќе сака да живее во неа. 

Работите со студенти, со младите луѓе. Колку нашето општество влијае на мотивираноста на идните режисери и филмски работници кон нивниот пат до успехот?

Ако се наградуваат политички династии, младиот човек ќе биде демотивиран, односно ќе биде мотивиран што побргу да побегне. Ако види дека живее во фер општество, колку и да е тоа сиромашно, ќе има доверба во системот. 

Јас се школував во САД, кариерата ја почнав таму, професионалното искуство, првите награди, ама сакав да придонесам и за оваа педа земја. Се враќам да снимам тука, ама сите мои филмови (освен оние што ги снимав во САД) се европски копродукции во кои европски државни фондови до сега учествувале со 72 проценти од буџетите, а Македонија со 28 проценти. Тоа е подарок за оваа култура. Во Македонија трошев и британски и француски и германски и италијански и бугарски и холандски и дански и хрватски и албански и европски пари.

„Прашина“

На првиот ден на снимање на „Прашина“ до 10 часот ги затворивме сите менувачници во Штип – продукцијата внесе толку девизи во градот, што менувачниците веќе немаа денари за работа. Се трудам секогаш да ангажирам млади луѓе од тука – десетици и десетици филмаџии, музичари и актери ги имаа своите први шанси на моите филмови, имаа прилика да учат на највисоко светско ниво од светски мајстори, од Оскаровци. Општеството најмногу ќе влијае на младите со својот пример, а не со пароли и говори. 

Агенцијата за филм има нов директор, имаме нов министер и нова влада, белким тие ќе ја казнат корупцијата, ќе го наградуваат квалитетот и ќе ги окуражат младите. 

Победата на правдата против мафијашите ќе има голем психолошки ефект кај секој чесен граѓанин, а особено кај младите. Мора да се покаже на дело дека криминалот ќе биде казнет. Арамијата мора да се удри по прсти. Во спротивно, само ја продлабочуваме апатијата и недовербата во системот и регрутираме нови партиски арамии. 

Кога мафијашите ќе одат во затвор, ќе може да речеме дека силно светнал ден во Македонија. 

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат младите во филмската индустрија и како да ги надминат, која е вашата порака до нив? 

Покрај ѕидот од корупција и местени конкурси кај нас, секогаш постои генерална недоверба кон нови автори. Ќе го кажам она што им го кажувам на моите студенти во Њујорк или на посетителите на моите предавања и мастер-класови во Толедо, Шангај, Куба, Москва, Лондон: ако сакаш да снимиш филм – сними го. Сними го со талентирани пријатели, со едноставна приказна, со акцент на глумата, со минимален буџет. Погледни ги примерите на Џон Касаветас, на „Тенџерин“, на Спајк Ли, на браќата Коен, на Мајкл Мур... сите тие сами создадоа услови за своите први филмови, работеа без пари. Денес техниката за правење филм му е секому достапна. Верувај во своите способности, во својот критериум. Немој да очекуваш некој што одлучува од фотелја да знае повеќе од тебе, затоа што ти често знаеш повеќе од нив. И пишувај, или барем најди добар материјал – книга, расказ, роман, драма, стрип, видео игра, песна... нешто што може да се преточи во филм. Филмаџиите сме раскажувачи, имај приказна. Имаш прекрасна професија, бави се со неа.

Која ви е најголемата инспирација кога почнувате да работите на нов проект?

Радоста од создавање нешто од ништо, цели светови со луѓе, со свои правила и случувања и бои и звуци. Насмевката при создавање приказна и експериментирање во формата,.

На што работите во моментот, кога може да очекуваме нов филм? 

Најубаво прашање на свет, ама одговорот е во рацете на новата директорка на Агенцијата за филм и на министерот за култура. 

Мојот филм одобрен пред две години, „Збогум, Копакабано“, сè уште е незаконски блокиран, иако има дури четири странски партнери (три со потврдено учество на странски државни фондови). Ние можеме да почнеме да снимаме во понеделник, ако дозволи државата.

Бисера Трајковска

Фото: Дарко Попов, веб-страница на Милчо Манчевски

Видео: Аслан Вишко

Остани поврзан