• недела, 22 декември 2024

Институт за демократија: Пратениците недоволно ги аргументираат ставовите и не прифаќаат туѓи аргументи

Институт за демократија: Пратениците недоволно ги аргументираат ставовите и не прифаќаат туѓи аргументи

Скопје, 31 август 2023 (МИА) - Институт за демократија во најновото истражување за работата на пратениците забележува влошување на квалитетот на дебатата во Собранието, а во фокус биле точките на дневен ред од областите на владеење на право, човековите права и демократија.

Поактивни со вклучување во дискусиите биле пратениците од опозицијата, кои учествувале во 76% од набљудуваните дискусии, додека пратениците од власта учествувале во 24%.

Најдолго на пратеничката говорница се задржувале пратениците Дајанчо Ефтимов, Здравко Трајанов и Бети Стаменкоска Трајкоска, а најчесто се јавувале за збор Здравко Трајанов кој зел збор 85 пати, Дајанчо Ефтимов и Бојан Стојаноски 70 пати и Лидија Петкоска со 59 пати.

Учеството на жените во дискусијата е 43% и се задржува на релативно високо ниво, исто така претставува највисоко учество на жените во дискусијата во споредба со претходно набљудувани мандати.

-На скала од 1 до 10, оценката за квалитетот на дебатата во Собранието на Северна Македонија во првото полугодие на 2023 година е 5,5, што е влошување од претходното полугодие (јули – декември 2022) кога оценката беше 5,7. Ова го покажа набљудувањето на Институтот за демократија во периодот јануари – јуни 2023 година, се наведува во соопштението од Институтот. 

Извештајот за овој период, како што се наведува, покажува ниско ниво на квалитет на дебата и го потврдува заклучокот дека постои простор за значително подобрување.

-Нивото на аргументирање е благо влошено во споредба со претходниот период на набљудување јули – декември 2022 година. Говорниците во 49% од нивните анализирани излагања немаа аргументи, додека во 44% слабо аргументираа. Во само 7% од набљудуваните дискусии говорниците користеа еден аргумент за да ја образложат нивната позиција, што е на речиси исто ниво во споредба со претходниот период. Само осум говорници користеа два аргумента, додека повеќе од два аргумента за да ја поткрепат својата позиција имаше само во само 0,1% од набљудуваните излагања, посочуваат од Институтот за демократија.

Пратениците во 11% од набљудуваните дискусии користеле факти од истражувања, искуство, документи и други релевантни извори како дел од нивното образложение, со што се потврдува генералното ниско ниво на аргументирање.

-Во овој период на известување, во набљудуваните дискусии не беше забележана промена на став кај пратениците поради подобри аргументи на соговорниците или каква било друга причина што е на исто ниво со минатиот период на набљудување (јули – декември 2022 година), наведуваат од Институтот. 

Кога станува збор за односот на пратениците кон личноста на своите колеги од друга политичка партија, во 3 отсто од дискусијата е искажано почитување што укажува на значителен пад во однос на претходниот период на набљудување кога почитување било искажано во 17% од случаите.

Извештајот, како што се потенцира, го потврдува и константно нискиот осврт на пратениците кон правата на маргинализираните групи, низ сите периоди на набљудување. Забележано е дека пратениците во околу 87,3% од нивната дискусија не се осврнуваат кон правата на маргинализираните групи, доколку специфично не се дискутира за одреден закон или тема на дневен ред поврзано за нивните права.

Институтот за демократија од јуни 2014 година, го следи квалитетот на дебатата во Собранието и работата на Собранието генерално. Во јануари 2020 година, почна четвртиот циклус на мониторинг, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП), која е поддржана од Владата на Швајцарија. Овој проект се спроведува во партнерство со Националниот демократски институт (НДИ) и Центарот за управување со промени (ЦУП). Содржината на публикацијата во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Владата на Швајцарија. ев/аа/

ФОТО: Принтскрин

 

Остани поврзан