• петок, 22 ноември 2024

ИНСТАТ по хакерскиот напад: Податоците од пописот не се засегнати, зачувани се во други системи

ИНСТАТ по хакерскиот напад: Податоците од пописот не се засегнати, зачувани се во други системи

Тирана, 1 февруари 2024 (МИА) - Хакерскиот напад од страна на иранската група „татковинска правда“ (Homeland Justice) на веб-страницата на албанскиот Институт за статистика, ИНСТАТ го потврди и институцијата.

Од таму додаваат дека се нападнати неколку системи и гарантираат дека податоците од пописот на населението „не се предмет на овој напад бидејќи се чуваат во други системи, наменети само за оваа намена“.

- ИНСТАТ ја информира јавноста дека на 31 јануари 2024 година неговите компјутерски системи беа предмет на софистициран кибер напад. ИНСТАТ реагираше брзо и професионално за да ја спречи и минимизира можната штета од нападот. Веднаш ги прекина интернет-врските и ги активираше протоколите за итни случаи за да обезбеди заштита на податоците и статистичките информации. Ја уверуваме јавноста дека податоците од пописот на населението не се предмет на овој напад бидејќи се чуваат во други системи наменети само за оваа намена, стои во соопштението.

Се додава дека во моментов, од првите испитувања извршени од ИТ експерти, утврдено е дека некои од системите на институцијата се погодени од нападот.

- Во испитувањата се вклучени национални експерти за кибер безбедност, кои ги здружуваат своите ресурси за да спроведат детална истрага за овој напад. Клучните цели вклучуваат утврдување на основните причини за нападот, процена на степенот на штетата и дизајнирање ефективни решенија за ублажување на идните ризици, се посочува понатаму.

Се нагласува дека тесно соработува со надлежните органи за да го истражи и идентификува изворот и мотивите на кибер нападот, како и да го врати „нормалното функционирање на своите ИТ системи и да ги зајакне мерките за кибер безбедност“.

- И се заблагодаруваме на јавноста за покажаното разбирање и поддршка во оваа несекојдневна ситуација. Во исто време високо ја ценмеи довербата на граѓаните и партнерите во својата работа и сме посветени да продолжиме да обезбедуваме веродостојни, точни и независни официјални статистички податоци, се вели на крајот од соопштението на ИНСТАТ.

Странцата на Институтот повеќе не е достапна кога се бара на Гугл, а хакерите на социјалните мрежи имаат објавено чувствителни податоци за вработени во администрацијата, како што е бројот на банкарски сметки, нивните матични броеви, име, презиме, телефонски број, адреса на е-пошта, адреса на живеење. вт/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан