• сабота, 23 ноември 2024

Илјадници бегалци и мигранти од кампот Мориа ноќта ја поминаа на улиците на Лезбос

Илјадници бегалци и мигранти од кампот Мориа ноќта ја поминаа на улиците на Лезбос
Атина, 10 септември 2020 (МИА) – По вчерашниот втор пожар во бегалскиот камп Мориа на грчкиот остров Лезбос во кој изгоре голем дел од она што не беше уништено во првиот пожар завчера, илјадници бегалци и мигранти ноќта ја поминаа без кров над глава, на улиците во близина на најголемиот прифатен центар во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Семејства со мали деца, бебиња, лица со здравствени проблеми, преспаа на улиците, на паркинзите од супермаркети, во ниви, односно онаму каде што успеаа да најдат слободен простор. На патот што води кон Митилини, каде што е и пристаништето, според локалните медиуми постојат полициски блокади, со оглед на тоа дека од грчката Влада вчера соопштија дека никој не смее да патува и да го напушти островот. Дополнителна загриженост во Грција предизвикува фактот што меѓу илјадниците бегалци и мигранти се и 35-те лица заразени со коронавирусот, од кои веројатно започна пожарот во вторникот вечерта, откако реагирале на одлуката да бидат ставени во карантин. Министерот за миграција и азил на Грција, Нотис Митаракис вчера рече дека се пронајдени осум од 35-те лица позитивни на Ковид-19. Во Мориа, пред големиот пожар, беа сместени нешто помалку од 13.000 бегалци и мигрантри, околу 3.000 во внатрешноста, односно во Центарот за прием и регистрација, а останатите со шатори во надворешниот, импровизиран камп. Според вчерашните официјални изјави од надлежните министри од грчката Влада, пред да избие вториот пожар, предвидено беше да се најде сместување за оние 3.000 лица кои останаа без кров над глава, откако целосно изгоре прифатниот центар. Од Министерството за миграција и азил на Грција утрово соопштија дека во текот на денешниот ден ќе се спроведат сите неопходни активности за веднаш да се згрижат, пред сѐ  ранливите категории бегалци и мигранти, а дел од нив веројатно ќе бидат привремено сместени во патнички брод, што за таа намена пристигна на островот. Во текот на денешниот ден, Лезбос ќе го посети потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас. ср/

Остани поврзан