• понеделник, 23 декември 2024

Илинка Митрева одликувана со орден „Витез на Легијата на Честа“ од Франција

Илинка Митрева одликувана со орден „Витез на Легијата на Честа“ од Франција
Скопје, 30 јуни 2021 (МИА) - Во француската резиденција вечерва амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија Сирил Бомгартнер, во името на Претседателот на Француската Република со орденот „Витез на Легијата на Честа“ ја одликува поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева. Амбасадорот Бомгартнер на одликувањето истакна дека Митрева откако два пати беше одликувана со ордени во 1998 и 2016 година, ова е трет пат како неговата земја одлучува да ја одликува со највисокиот француски орден. - Овие повторени растечки почести се признание за силната ваша посветеност за Северна Македонија, за Франкофонијата и за Европа. Тие се исто така и белег на верно и постојано пријателство помеѓу вас и нас. Оваа приказна помеѓу Франција и вас е пред се и културна и јазична приказна. Кога странец зборува навистина добро француски, ние велиме дека тој го зборува како тебе и мене. Но, кога тој го разбира дури и подобро од тоа, тогаш не знаеме што да кажеме или поточно сме во искушение да не кажеме ништо, рече амбасадорот.

Одлучувајќи повторно да Ве одликува, потенцира амбасадорот, мојата земја сакаше да награди личен животен тек кој се спојува со оној на вашата земја која стана независна.

- Во оваа сè уште понова историја имаше фази на забрзување и фази на стагнација. Во текот на изминатите неколку децении, сте имале различни одговорности, во Советот на Град Скопје, во органите на СДСМ, во Собранието. Но она што сме во искушение да го запомниме е пред сè вашата активност на чело на Министерството за надворешни работи. До денеска, вие сте единствената жена што некогаш била на оваа позиција. Вие сте исто така таа што може да се гордее со најдолгиот мандат на чело на оваа престижна администрација. Пет години. Пет години се доволни за да се остави длабока трага, рече тој.

Амбасадорот Бомгартнер истакна дека долгиот мандат на Митрева се совпаѓа со потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, ДСА, потпишан само неколку недели откако ја преземате функцијата.

-За потсетување, своевремено Скопје е првиот главен град од Западен Балкан кој потпишува таков договор. И вашиот мандат завршува со пристапувањето на Северна Македонија во Меѓународната организација на Франкофонијата, како полноправна членка, која станува ефективна само неколку дена по вашето заминување. Помеѓу овие две крајности, две главни пресвртници во националната историја : потпишувањето, а потоа и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор и добивањето на кандидатски статус за влез во Европската унија (во декември 2005 година). Овие два настани може да изгледаат различни еден од друг; едниот се однесува на внатрешна состојба на помирување и стабилизација а другиот е процес на меѓународна интеграција, поточно  на европска и атлантска интеграција, рече тој.   

Митрева истакна дека последното одликување „Витез на Легијата на Честа“ само ја зацврстува нејзината благодарност, благодарност на еден решителен борец за „francite" (французинскост, го употребувам овој термин во поширокасмисла од она што му ја дава ....јазик,култура цивилизација).

- Како што споменав во едно претходно обраќање француската книжевност е мој занает и  моја страст.  Работа на професорот е да истражува и зборува. Ја имав таа огромна привилегија гласно да ја сонувам мојата потрага и да ја споделувам со генерации и студенти. Гледав како францускиот јазик станува посакувана цел. Можеби овој свечен момент ќе ми допушти да упатам значајна порака. Треба да направиме се што е во наша моќ да го стимулираме интересот за францускиот јазик. Франција која се разбира во методологии, би можела да ни помогне да изработиме една поагресивна поефикасна методологија во проучувањето на овој убав јазик и култура, рече таа.

Што се однесува на политиката, потенцира Митрева, долго време ја впишував мојата дипломатска мисија во продлабочувањето на пријателството и на политичките врски со Франција. 

- Главната цел на моите активности беше да се обезбеди европска иднина за мојата земја. На тој пат секогаш ја имавме поддршката на нашите француски пријатели. Во овие тешки времиња за нашиот од кон ЕУ, кога РМ се соочува со апсурдни пречки, ја искажувам надежта дека Франција ќе продолжи да биде гарант на големиот европски проект, рече Митрева. фф/ев/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан