• недела, 22 декември 2024

Изјава на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски

Изјава на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски

Скопје, 24 април 2024 (МИА) - Ние во текот на изминатите седум години, ја вративме заедно со граѓаните, демократијата во државата. Затоа верувам дека граѓаните имаат доверба во изборниот процес и тоа ќе го покажат со бројноста на своето гласање. Ова денеска го истакна лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски во изјава за медиуми, откако гласаше за претседател на државата.

- Денеска е голем ден - прв круг претседателски избори. Очекувам граѓаните да го искористат во голем број своето гласачко право. Денеска е првиот чекор кон големата одлука, првиот чекор на првите, првиот круг на претседателските избори, на којшто ќе определиме во кој правец ќе се движи државата. Вториот голем чекор нѐ очекува на 8 мај, кога ќе биде вториот круг на претседателските избори, и на парламентарните избори, на коишто граѓаните ќе одлучуваат за правецот во кој ќе се движи државата, изјави Ковачевски.

Според претседателот на СДСМ, опциите се дали ќе избереме да се враќаме кон минатото, коешто сакаме да го заборавиме или ќе одбереме прогрес и посветла иднина.

- Ние многупати досега сме имале можност да се откажеме, меѓутоа не сме се откажале. И затоа велам дека во наредните две недели и особено на гласањето на 8 мај, треба да покажеме дека сакаме држава што ќе има европски стандард, квалитетно здравство, подобро образование, едноставно подобар систем, постои проверен рецепт за тоа, а тоа е полноправно членство во ЕУ, за коешто ние се залагаме, и верувам дека граѓаните и денеска и на 8 мај, ќе поддржат таква иднина за Македонија - иднина во којашто Македонија ќе биде дел од европското семејство, ќе биде 28 земја членка на ЕУ и нема да дозволиме да се враќаме во минатото, кога бевме заробена држава, кога бевме раскарани со соседите, кога имавме, кога немавме ниту еден чекор направено кон евроатлантските интеграции, туку напротив и денеска и на 8 мај, граѓаните ќе покажат дека сме за европска иднина на Македонија, подвлече тој.

На новинарско прашање, кои се очекувањата на СДСМ, Ковачевски одговори дека нивните очекувања се оти граѓаните ќе покажат дека се за европска иднина.

- За она што ние го претставивме во текот на изминатите недели во претседателската кампања. Исто така, кажав дека ова е прв чекор кон големата одлука на 8 мај, кога нѐ очекува вториот круг на претседателските избори, на којшто очекувам да се пласира нашиот кандидат, нашиот претседател Стево Пендаровски и на 8 мај, заедно со парламентарните избори, граѓаните да ја донесат одлуката за европска иднина на Македонија, дециден беше претседателот на СДСМ. бд/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан