• понеделник, 23 декември 2024

Васева: Идејата е преку изложбата во Софија да се претстави живата уметничка сцена кај нас и она што не поврзува

Васева: Идејата е преку изложбата во Софија да се претстави живата уметничка сцена кај нас и она што не поврзува

Скопје, 25 јуни 2023 (МИА) - И покрај ситуацијата меѓу двете земји во дневно-политичката сфера и се чини надвор од реалниот живот на граѓаните, се покажа дека интересот во Бугарија за тоа што се случува во современата уметност во нашата држава е голем, за што сведочат соработките коишто резултираа од оваа изложба, вели за МИА, Ивана Васева, кураторка на изложбата „Прекаријатот има шанса - Јавни простори во движење (кон)“ на македонски уметници, која е отворена во галеријата „Структура“ во бугарскиот главен град Софија.

Со оваа изложба, на 16 јуни годинава беше отворено 18. издание на АКТО фестивалот за современи уметности. Станува збор за групна изложба на 18 дела од 20 македонски уметници, која ќе биде отворена за посетителите во Софија до 29 јули.

Претставени се делата на уметниците Елена Чемерска, Искра Димитрова, Христина Иваноска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски, Верица Ковачевска, Шќипе Мехмети, Оливер Мусовиќ, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија), Александра Петрушевска Ристовска, Нада Прља, Дита Старова Ќерими, Никола Узуновски, Драгана Заревска и Ѓорѓи Десподов, Велимир Жерновски. 

На прашање од каде идејата изложбата да биде отворена токму во Софија, кураторката Васева објаснува дека поканата дошла од директорката на галеријата „Структура“ од Софија, Марија Василева, а кураторската цел е да се претстави селекција на уметници кои се активни на полето на современата визуелна уметност и кои не делуваат во изолирани околности туку ја разбираат политичката страна на уметноста и се со ангажиран став кон современите општествено – политички и економски феномени. 

-Идејата беше да се претстави генерално живата уметничка сцена во Македонија, но и повторно да се пронајде врската меѓу двете сцени меѓусебно, и бугарската и македонската кои комуницирале многу поинтензивно во 90-тите години. Подоцна, најверојатно заради различни интереси на уметничките сцени кои што се интернационализираат и динамизираат, соработките станаа помалку интензивни, и си реков дека ова би можело да биде многу потенцијално, посочува Васева за МИА.

Таа потенцира дека е одбрана темата на јавниот простор т.е. неговото намалување под насилната урбанизација и приватизација, процес кој има влијание не само на детскиот живот, свртувајќи го вниманието кон дигиталните игри, туку и перпетуирачкото исклучување на разните гласови во нашето општество, од родовите прашања до потребите на лицата со атипичен развој, 

Како што објаснува, по разговорот со уметничкиот директор на АКТО, Филип Јовановски, одлучиле дека би било одлична можност фестивалот да се прошири и во другите земји.

-Со Филип Јовановски, одлучивме дека би било одлична можност да го прошириме АКТО и во други контексти, во други средини. Односно, после 15 изданија на АКТО во Битола, неколку изданија на АКТО во Тетово, Штип, Кочани, Гевгелија, Прилеп, Велес и последните две во Скопје, си рековме, ајде да го почнеме АКТО во Софија, а потоа да го продолжиме во Скопје и на други места каде што сметаме дека можеме да го направиме тоа, појаснува кураторката.

За време на отворањето на изложбата, забележивме многу посетители од Бугарија, најголем дел уметници кои се знаат и соработуваат професионално со нашите уметници.

Ивана Васева вели дека ја радуваат позитивните импресии од посетителите од Бугарија. 

-Интересно е тоа што бевме поканети и гостувавме во неколку телевизии и радија во Софија. Сите беа многу заинтересирани околу изложбата. Ми беше интересен и податокот дека дури и во актуелната политичка ситуација која што ја имаат овие две земји, која нормално функционира на некое сосема друго ниво, во дневнополитичката сфера и се чини надвор од реалниот живот на граѓаните, се покажа дека интересот во Бугарија за тоа што се случува во современата уметноста во нашата држава е голем и изненадија за што сведочат соработките кои резултираа од оваа изложба, вели Васева. 

„Прекаријатот има шанса - Јавни простори во движење (кон)“ е изложба која опфаќа различни уметнички потфати кои повторно ја бараат и редефинираат јавната сфера и јавниот простор преку креирање тактики за нејзино освојување и пристап за прекаризираните и замолчените.

Васева објаснува дека темата на изложбата е генерална, односно се однесува на сите средини, не само за нашата држава и за Бугарија, а тоа е губењето на јавниот простор, приватизацијата, одземањето, преголемата урбанизација и урбаната трансформација на градот, која води до губење на јавниот човек и на јавното мислење.

-Просторот за аргументирана здрава дебата се повеќе се намалува, а тоа според мене е и поради влијанието на губење на јавниот простор. Ова е всушност општа рамка за изложбата, а застапени се 18 дела од 20 уметници бидејќи едно дело го работат двајца уметници, истакнува Васева.

Како што појаснува, застапени се дела од класичен формат - слики и графики, до поинтердисциплинарни формати на јавно работење во јавниот простор, работење со други луѓе, со луѓе со посебни потреби, издигање на женското прашање, чувствата на жената, гласот на жената, гласот на обесправените и на маргинализираните.

АКТО фестивалот за современи уметности е еден од ретките вонинституционални фестивали во земјава со долг континуитет на одржување. АКТО 18 се реализира во продукција на Факултетот за работи што не се научат – ФРУ во партнерство со Галерија Структура од Софија, со поддршка на Trust For Mutual Understanding (TMU) од Њујорк.

Бисера Трајковска

Фото: Кристијан Караџовски/  МИА 

Остани поврзан