Измените на Законот за основно образование го поминаа комисискиот филтер
- Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска дадоа поддршка за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование.
Скопје, 13 јули 2023 (МИА) – Членовите на собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска дадоа поддршка за Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование.
Министерот за образование, Јетон Шаќири во облазложението истакна дека измените и дополнувањата во Законот за основното образование се вршат со цел регулирање на воспитно-образовниот процес во воспитно-поправните и казнено поправните установи. Со овој закон, според Шаќири, ќе се обезбеди континуиран образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено поправните установи, чие образование ќе се заврши со документ за завршено формално основно образование свидетелство.
-Законот за основното образование (член 15 ставови 2 и 6) уредува дека основно образование се организира и остварува и во здравствени установи, казнено-поправни и воспитно-поправни установи, како и во домашни услови, согласно со овој закон. Основно образование во здравствени установи и казнено-поправни и воспитно-поправни установи, го реализира училиштето кое е најблиско до установата и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи. Со оглед дека праксата покажа дека ова решение е неекономично и тешко изводливо се одлучи ставот 6 да се измени во насока основно образование во казнено-поправни установи да се реализира по наставен план и наставни програми за основно образование на возрасни, а го реализира училиштето кое има верификација за образование за возрасни и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи, рече Шаќири.
Шаќири нагласи дека за реализирање на законските измени ќе биде потребно да се вработат до најмногу шест наставници во државното училиште кое ќе реализира настава со децата во воспитно-поправните установи. Како што посочи, бројот на потребни наставници е менлив во зависност од бројот на деца во установата, степенот на нивното образование, како и групите односно паралелките кои би се формирале.
Министерот потенцира дека основно образование во воспитно-поправни установи се реализира по посебен наставен план и наставни програми, а го реализира училиштето кое има верификација за основно образование за деца во воспитно-поправни установи и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи. Со тоа, како што рече, би се реализирале дел од препораките во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во делот на човекови права.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска истакна дека е добро што се одбира посебно специфицирано училиште кое што ќе ги врши сите дејности, а не да биде како досега, бидејќи на овој начин ќе имаме повеќе контрола за тоа дали навистина се спроведува наставата и кои се резултатите што ќе ги добиеме. Таа потенцира во иднина да се внимава и во однос на материјалите од Бирото за образование, бидејќи тие треба да се систематизирани.
Здравко Трајанов, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ препорача да се одбираат искусни кадри кои ќе работат во овие институции и Бирото за образование да одбира добри материјали.
Членовите на оваа собраниска Комисија го поддржаа Предлог на законот за изменување на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност и Предлог на закон за изменување на Законот за отворените граѓански универзитети за доживотно учење.фф/ев/
Фото: МИА