• четврток, 04 декември 2025

Изложба по повод Светскиот ден на лицата со инвалидност

Изложба по повод Светскиот ден на лицата со инвалидност

Скопје, 2 декември 2025 (МИА) - По повод Светскиот ден на лицата со инвалидност - 3 декември, во „Порта Македонија“ денеска ќе биде отворена изложба на слики од XIV-тата Mеѓународна инклузивна ликовна колонија на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија - Мобилност Македонија, што од 9 до 15 октомври оваа година се одржа во Охрид, соопштија од Сојузот.

Изложбата закажана за 19 часот предвидено е да ја отвори министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.

Изложените дела се изработени од академски сликари, академски сликари со телесен инвалидитет и талентирани лица со телесен инвалидитет од Македонија и земјите од регионот.

- Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Северна Македонија - Мобилност Македонија, низ годините зад себе, создаде традиција во организирање на ликовни колонии и ликовни изложби. Целта за организирање на ликовните колонии е да се поддржи и поттикне уметничкиот израз кај талентираните членови - лица со телесен инвалидитет, да создадат правилна перцепција за ликовните и естетските вредности, развивање на способност за препознавање и соодветно вреднување на уметничките изрази и појави од секојдневниот живот. Оваа колонија е единствена од овој вид во нашата држава, која покажа дека уметничкиот потенцијал не знае за поделби и попречености и дека нејзиното организирање има претензии да покаже и докаже дека креативните потенцијали на лицата со телесен инвалидитет се многу поважни од предрасудите дека техничката изведба е најважна, се посочува во најавата за настанот. бд/лв/

Фото: мобилност.мк

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан