• понеделник, 25 ноември 2024

Изложба на фотографии на тетовецот Глигор Кондовски

Изложба на фотографии на тетовецот Глигор Кондовски

Тетово, 26 јули 2021 (МИА) - Тетовскиот музички уметник, режисер и фотограф Глигор Кондовски во Тетово ја отвори својата четврта самостојна изложба на фотографии. Изложбата насловена „Сфера“ опфаќа 32 пајзажи изработени во црно - бела техника, а збогатени со текстура со цел  да потсетуваат на стари избледени фотографии.

-Секоја фотографија за себе си е една сфера во која влегува гледачот, го набљудува мотивот, размислува за него или пак едноставно му се препушта на чувството. Овие 32 фотогорафии на Кондовски се 32 поединечни сфери кои, пак, заедно прават едана универзална сфера во која уметникот ни го претставува своето видување на времето, просторот, идејата и пораката, ќе каже фотографот Андонов кој ја отвори изложбата.

Според авторот, „Сфера“ е непознатиот круг на живот на кој не му обрнуваме внимание и човековото одделување од природата.

-Тоа се фотографии во вид на панорами, без профили на луѓе претставувајќи еден амбиентален и “саундскејп” визуелност. Сфера е непознатиот и невидлив круг во нашето секојдневие. Визуелна претстава на планини, панорами, ветер и се што е поврзано со природата околу нас е изгубено. Нашата конекција е загубена во сферата на кругот. Фотографиите се поврзани со текстурата во музиката и носат хармоничност и полифоничност, поврзано со текстурата во ликовната уметност, вели фотографот Кондовски за своите дела.

Изложбата на Кондовски е отворена во новата галерија на Националната установа Музеј на тетовскиот крај, а ќе може да се посети во наредните седум дена. ас/вг/

Остани поврзан