• понеделник, 23 декември 2024

Изложба на олдтајмери во Кавадарци

Изложба на олдтајмери во Кавадарци
 Кавадарци, 11 септември 2022 (МИА) - Изложба на олдтајмери се реализира денеска во Кавадарци, во рамките на традиционалната општинска стопанско-културна и туристичка манифестациј „Тиквешки гроздобер". Најстарото возило на изложбата е од 1950 година.
Некои од сопствениците на стари автомобили со коишто разговараше МИА, не ја криеја љубовта и страста кон своето хоби, што, меѓу другото, значи и промоција на автомобилската историја низ годините. Тие рекоа дека за ништо на светот не би се откажале од своите миленици на четири тркала. Ниту за многу пари, ниту за понови и пософистицирани модели на автомобили.
- Во неколкуте општини од Тиквешијата расте интересот за нив, а расте и цената за добро одржани и гаражирани примероци. Така,  добро фиќо, на пазарот  може да котира со  повисока цена од постари модели на автомобилски марки кои традиционално важат за појаки машини. Истовремено, може да се забележат свадбени веселби на кои наместо во огромни лимузини, младенците се превезуваат токму со автомобилот од младоста на нивните родители, нагласија дел од учесниците на изложбата.
Возилата, помали и поголеми, предизвикаа интерес кај посетители од најразлични генерации.
Митко Ташев, организатор на настанот, за МИА изјави дека може да се видат 75 возила, на македонски, но и на сопственици од Србија и Австрија. Тој потсети дека ова е јубилеен, десетти пат, како се организира една ваква изложба.
Ташев нагласи дека од година во година расте интересот за изложување на автомобилски миленици. Но, додаде, расте и интересот кај посетителите на  „Тиквешки гроздобер" да ги видат олдтајмерите и да се фотографираат со нив за спомен.
-Најстарото возило има 72 години. Тоа е постаро од многу од учесниците на изложбата, дециден беше Ташев. свд/хс/

Остани поврзан