• среда, 15 мај 2024

Изложба на графики од Панде Петровски во Пехчево

Изложба на графики од Панде Петровски во Пехчево

Пехчево, 5 март 2024 (МИА) - Во Пехчево отворена е изложба на графики од Панде Лазаров Петровски. Изложбата „Срце-куќа најширока“ содржи цртежи од ликовниот уметник од Битола и со оваа изложба почнува чествувањето по повод  65 години ликовна дејност и 85 години од неговиот роденден.

Изложбата ја отворија директорката на Домот на културата „Јане Сандански“ - Пехчево Валентина Веселинска и директорот на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ Миле Ѓорѓијоски.

-Изложбата е во организација на дом на култура ,,Јане Сандански" од Пехчево и е дел од програмските активности на библиотеката за 2024 година. На отворањето на изложбата беа присутни претставници на институциите и соработници како од нашата така и од соседните Општини. Им благодариме на гостите што денес беа присутни, рече Валентина Веселинска, директор на пехчевскиот Дом на култура. 

На изложбата, како што додаде, учествуваа и  професори и ученици од гимназијата во Пехчево и граѓани кои се љубители на уметноста. 

- Изложбата е втора по ред оваа година и во склоп на програмските активности во Домот на културата. За оваа година нудиме богата културна уметничка програма за 2024 година, додаде Веселинска.

Панде Петровски е роден во 1939 во село Брусник, Битола. Член е на ДЛУМ, ДЛУБ И МНД. Има реализирано повеќе од 30 самостојни изложби во државава, во Србија, Шведска и Австралија. Учесник е на повеќе од 200 колективни изложби во земјава, Бугарија и Турција. Учествувал на преку 40 меѓународни ликовни колонии. Автор е на книгите: „Бели мисли и размисли“ (афоризми), „Оаза на плачот“ (хуморески), „Думи“ (афоризми) и „Срце куќа најширока“, се вели во монографскиот каталог за животот и делото на авторот.

Изложбата ќе може да се посети во наредните десет дена. вс/мд/

Фото: МИА
 

Остани поврзан