Изложба „Библиотеката низ годините” за 80-годишниот јубилеј на тетовската библиотека „Кочо Рацин“
- Изложбата „Библиотеката низ годините” го прикажува развојот на библиотеката од нејзините почетоци до денес, а поставени се фотографии, документи за основањето на библиотеката, стари и ретки книги, како и материјали што ја прикажуваат улогата на библиотеката во образованието и културата.
Тетово, 18 декември 2025 (МИА) - Националната библиотека „Кочо Рацин” – Тетово вечерва со отворање на изложбата насловена „Библиотеката низ годините“ ги почна активностите за одбележување на 80 години од основањето и постоењето. Оваа изложба која е поставена во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ ќе биде отворена за посета во три дена.
Изложбата „Библиотеката низ годините” го прикажува развојот на библиотеката од нејзините почетоци до денес, а поставени се фотографии, документи за основањето на библиотеката, стари и ретки книги, како и материјали што ја прикажуваат улогата на библиотеката во образованието и културата.

-Целта на изложбата е да се прикаже минатото, сегашноста и кон тоа што се стремиме понатаму. Ние се трудиме како институција да достигнеме ниво на задачите во смисла да им служиме на сите наши посетители. Во 2025 сме реализирале 15 проекти, за идната година сме аплицирале за 20 проекти. Зголемениот број на апликации го потврдува фактот дека ние како институција имаме многу идеи и сакаме во тие проекти да ги вклучиме сите читатели од најмладите до највозрасните, изјави Бинас Пајазити, директор на НУ Национална библиотека „Кочо Рацин“- Тетово.
Владо Кочовски, пензиониран библиотекар и повеќегодишен директор на оваа установа на настанот изјави за медиумите дека верува во опстанокот на книгите и покрај динамичниот развој на технологијата.

-Во 50-тите години од минатиот век кога почна појавата на телевизијата се прошири мислење меѓу луѓево дека сега на радијата им дојде крајот. Дека луѓето ќе гледаат телевизија и нема да слушаат радио. Меѓутоа радијата останаа, заради тоа што телевизијата за да ја гледаш треба време да имаш, да си слободен, а радиото може да го слушаш и кои работиш. Со појавата на компјутерската техника исто, се смета дека книгата и дојде крајот. Ќе гледаме од компјутер, во мобилен телефон, меѓутоа и тоа е заблуда. Заради тоа што книгата е незаменлива, различен е впечатокот кога читаш книга од оној кога читаш нешто на екран. Ако „заглавиш“ некаде во книгата, со мислата, ќе свртиш неколку страници од книгата и ќе најдеш, вели Кочовски.
Фондот на тетовската библиотека брои 120 илјади наслови со 150 илјади библиотечни единици. Најстарата книга е од 1878 година. Утре, петок 19 декември јубилејот 80 години ќе продолжи со Свечена академија.ас/лв/
фото МИА