• петок, 22 ноември 2024

Извршниот одбор на СДСМ треба да ги утврди роковите за внатрепартиски избори за ново раководство и за отчетниот конгрес

Извршниот одбор на СДСМ треба да ги утврди роковите за внатрепартиски избори за ново раководство и за отчетниот конгрес

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - Во седиштето на  СДСМ на Бихаќка, во тек е продолжение на седницата на Извршниот одбор на која надлежните комисии треба да ги презентираат правилникот и роковникот за предвремените внатрепартиски избори за претседател и раководство на партијата и за организрање на отчетниот конгрес. 

-Денес имаме состанок на Извршен одбор кој што е практично продолжение на Извршиот одбор од минатата недела на кој што работните групи задолжени за организирање на конгресот треба да дојдат со конкретни роковници, изјави пред почетокот на седницата Димитар Ковачевски кој ја депонираше оставката од лидерската позиција минатата недела по поразот на претседателските и парламентарните избори.

Прашан дали ќе се кандидира за нов мандат за претседател на партијата, Ковачевски отсечно одговори дека нема да се кандидира.

Сања Лукаревска која поднесе оставка од функцијата заменик-претседател на партијата, очекува на седницата да се утврди патот напред во смисла на утврдување на претстојните чекори, кои подразбираат одржување на Централниот одбор, отчетен конгрес и отпочнување на процедура за кандидирање на претседател на СДСМ.

Фатмир Битиќи кој исто така поднесе оставка од потпретседателската функција во СДСМ, прашан дали планира да поднесе кандидатура за челната позција, вели,  дека е се уште рано за тоа. 

-Се уште е рано, сметам дека секој еден социјалдемократ денеска е фокусиран во иднината на социјалдемократијата. Тоа е најбитно, а за функциите, секако, членството одлучува кој е најдобриот избор, вели Битиќи.

И Петре Шилегов, смета дека е се уште рано да се разговара за кандидатура и оти приоритет е како да се запрат, како што вели, ретроградните процеси кои се веќе започнати во општетството.

- Мислам дека е се уште прерано воопшто да се разговара за тие процеси. Моето лично размислување е дека СДСМ во периодот кој следи треба да се врати кон корените на сопствените политики, повторно да стане привлечно тело за прогресивниот дел од македонската јавност затоа што некои процеси кои се веќе започнати во нашто општество се и тоа како ретроградни  и т, и тоа како можат да ја вратат државата назад. СДСМ како и секогаш мора да биде исправен пред тие предизвици со цел да го спречиме ретрпградниот процес во македонското општетство, вели Шилегов

На новинарско прашање и спикерот на Собранието и член на СДСМ Јован Митрески, пред седницата изјави дека нема намера да се кандидира за претседател на партијата позиција во партијата. 

Славјанка Петровска и Јован Деспотовски веќе потврдија дека планираат да поднесат кандидатура, а во медиумите како можни кандидати за претседател на СДСМ се спомнуваат и Венко Филипче и Стефан Богоев.

На седницата на 22 мај Димитар Ковачевски и формално поднесе оставка од лидерската позиција.

Извршниот одбор на СДСМ  ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка.

- Бидејќи избраната Централната изборна комисија согласно Статутот се уште има мандат, во истиот состав ќе ја спроведе постапката за нови непосредни внатрепартиски избори за избор на претседател на СДСМ. Извршниот одбор ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на месец јуни во транспарентна и демократска постапка, информираа  од СДСМ.

Со повлекувањето на претседателот на СДСМ, како што информираа од партијата, сите претседатели на Општински организации и претседателот на Градската организација се во оставка со оглед на фактот дека се именувани од страна на претседателот, а нивната функција ќе ја извршуваат до избор на нови.вг/лв/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан