• понеделник, 23 декември 2024

Извршен вонреден надзор во КПД Идризово по наводите на осудениците Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани, рекет, поткуп

Извршен вонреден надзор во КПД Идризово по наводите на осудениците Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани, рекет, поткуп

Скопје, 25 септември 2023 (МИА) - Управата за извршување на санкции на 19 септември 2023 година изврши вонреден наздор во КПД Идризово со цел да се проверат наводите на осудените лица Тони Денковски и Јанко Јаневски за закани по живот, рекет и уцени, соопшти денеска Министерството за правда. 

Јанко Јаневски, кој отслужува деветгодишна затворска казна, посочил дека имал уцени и закани по живот да врати 4.000 евра во рок од 24 часа. Управата за извршување на санкции, како што се наведува, изврши разговор со двајца припадници на затворската полиција кои тврделе дека биле измамени од Јаневски. Тој им побарал по 2.000 евра,  ветувајќи им  дека ќе бидат префрлени со работа во МВР.  Вкупната сума од 4.000 евра му ја исплатиле на негов пријател во трговскиот центар „Сити мол“. Командирите, како што се наведува, по извесен период сфатиле дека се измамени и настанот го пријавиле во ПС Кавадарци.

Службените лица од Управата разговарале и со осуденото лице Јанко Јаневски, кој појаснил дека никогаш не зел пари од припадници на затворската полиција, туку напротив, дека лично тој му давал пари на Киро Димов, припадник на затворската полиција.

- Осудениот Јаневски парите ги добивал од спортско обложување кое се организирало во установата и на неколку наврати му позајмувал пари на Димов. Потоа почнал да му се заканува преку осудени лица за враќање на долгот во рок од 24 часа. За наводите дека припадникот на затворската полиција земал пари од Јаневски, потврдиле и две други осудени лица, стои во соопштението.

Тони Денковски имал поплака дека му е нарушена безбедноста и дека има закани и уцени од страна на осудени лица и припадници на затворската полиција, за што е поднесена и пријава до Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Од разговорот со него, како што се наведува, тој не посочил конкретни имиња на осудени лица или припадници на затворската полиција поради што не можело да се проверат неговите наоди.

- За Денковски, во дневните билтени не е евидентиран некаков настан или физички напад на ова лице, а преземени се и мерки  за заштита на неговата безбедност, сместен е сам во соба и сам оди на прошетка. До денот на извршениот надзор осуденото лице Тони Денковски нема поднесено барање за преместување во друга установа, се вели во соопштението од Министерството за правда. мд/аа/

Фото: Министерство за правда 

Остани поврзан