• вторник, 19 ноември 2024

Извештај на ДЗР: Отсуство на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи

Извештај на ДЗР: Отсуство на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи

Скопје, 11 септември 2024 (МИА) - Отсуство на одредби за утврдување на платите на вработените во судовите кои вршат технички и помошни работи, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во системските слабости што ги утврдил од извршената ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Основен граѓански суд Скопје (Сметка на основниот буџет 603, Сметка на основниот буџет 631 и Депозитна сметка 696).

Во апстрактот од извештаите ДЗР наведува дека средствата кои се издвојуваат од Буџетот за 2023 година за финансирање на Судската власт не го достигнуваат законски утврдениот процент од 0.8 проценти од Бруто домашниот производ на Буџетот на Република Северна Македонија, односно одобрените средства во износ од 2.690.800 илјади денари претставуваат 0,3 проценти од БДП и истите се за 58 проценти помали од законски утврдениот лимит.   

Утврдено е и дека не е пропишана формата и содржината на обрасците за водење на судски депозити , како и дека има неусогласеност во законската и подзаконската регулатива во дефинирањето на сопственоста на застарените депонирани предмети по истекот на десет години од нивното предавање.

Во клучните утврдени состојби стои дека има отсуство на веродостојни, вистинити и уредени сметководствени документи за потврда на набавната вредност на зградата во која е сместен судот, како и недвижни ствари кои не се евидентирани во сметководствената евиденција на судот поради неизвршено примопредавање на истите.

Се констатира и дека не е обезбедена поткрепувачка документација за извршен физички попис. Исто така, дека е склучен договор за закуп на деловна просторија на 01.12.1989 година со валута која не е во примена. До денес не е изготвен нов договор за закуп или анекс на постоечкиот договор, со утврден месечен надомест во валута која официјално е во оптек од 2002 година и депозитите се со утврдена старосна структура и се однесуваат на период 2005 - 2023 година но не е утврден статусот на предметите по судските депозити завршени /незавршени со цел
преземање мерки за евентуално враќање на судскиот депозит или уплата на средствата во Буџетот на Република Северна Македонија, стои во наодите од извештаите на ДЗР  кои се достапни на линкот . лв/ев/

фото:МИА архива 

Остани поврзан