Избори 2024/ Кандидатот за претседател од ЗНАМ-За наша Македонија, Димитреисвки се потпиша за официјализирање на кандидатурата во ДИК Куманово
- Кандидатот за претседател од политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска се потпиша за официјализирање на кандидатурата во просториите на општинската канцеларија на Државната изборна комисија во Куманово. Тој се заблагодари за досегашната поддршката на граѓаните, посочувајќи дека засега бројката е висока.
Куманово, 23 февруари 2024 (МИА) - Кандидатот за претседател од политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, денеска се потпиша за официјализирање на кандидатурата во просториите на општинската канцеларија на Државната изборна комисија во Куманово. Тој се заблагодари за досегашната поддршката на граѓаните, посочувајќи дека засега бројката е висока.
-Ја користам приликата да ги повикам граѓаните на Македонија да дадат поддршка, бидејќи нашата цел е да воведеме нов концепт, нови стандарди, бидејќи Македонија тоа го заслужува. Македонија мора да излезе од црно-сивиот свет во којшто функционира и единствено тоа можат да го сторат граѓаните доколку се одважат, доколку имаме висока поддршка со собирање потписи, тоа значи дека ќе имаме и висок одзив, при самото гласање и не само што ќе се зголеми демократијата во државата, туку и народот ќе испрати јасна порака дека сака да се случи нешто ново во државата, рече Димитриевски.
Тој им честиташе на сите кандидати кои собираат потписи во постапката и на сите им посака успех. Според Димитриевски поголем број кандидати за претстојните претседателски избори значи и повисоко ниво на демократија и развој на демократијата.
- Верувам дека граѓаните ќе го дадат последниот збор, кажа Димитриевски.
Во однос на постапката и организацијата при собирање на потписи, Димитриевски рече дека ДИК треба детално да ги информираат граѓаните каде, кои се точните локации за да можат граѓаните да дадат потпис и да поддржат одреден кандидат.
- Мислам дека од ДИК не е направено доволно да се информира јавноста и граѓаните каде на кои места и локации можат граѓаните да го дадат потписот за поддршка на одреден кандидат. Првенствено има мал број канцеларии, не сите општини се опфатени со матични канцеларии на ДИК и неопходен е правилник во кој ќе се дефинираат точните локации и дополнително граѓаните полесно да се информираат каде можат да го дадат својата поддршка. Верувам дека во најкус можен рок ДИК ќе изнајде начин дополнително да ги информира граѓаните каде можат да дадат поддршка за кандидатите, а согласно законот имаат обврска да прибираат потписи, истакна Димитриевски.
Тој рече дека граѓани од други градови го прашувале каде да се потпишат и, како што додаде, им одговорил дека согласно правилниот можел да ги даде само адресите на канцелариите.
- Тоа не е обврска на кандидатите, туку на ДИК и впрочем тие се платени за тоа и имаат обврска да ја информираат јавноста за точните локации и позиции каде се наоѓаат месните канцеларии на ДИК во однос на собирање на потписи кај нотари мислам дека е доста скапа постапка и не секој од нас кандидатите може да си го дозволи тоа да издвои толку средства за да обезбеди поддршка и собирање на потписи кај нотарите бидејќи се плаќа заверка, рече Димитриевски. ам/дма/
Фото: МИА