• петок, 22 ноември 2024

ИДФ: Ќе помогнеме да се евакуираат бебињата од болница во Газа

ИДФ: Ќе помогнеме да се евакуираат бебињата од болница во Газа

Тел Авив, 11 ноември 2023 (МИА) - Портпаролот на израелските одбранбени сили Даниел Хагари ги отфрли наводите дека израелската армија ја држи под опсада болницата Ал Шифа, пренесува „Тајмс оф Израел“.

„Ние се бориме против терористите кои избраа да се борат во близина на болницата“, рече Хагари.

Тој посочи дека ИДФ постојано им дозволува на пациентите и персоналот во болниците во Газа да преминат во јужниот дел на Појасот Газа.

Хагари изјави дека ИДФ е во комуникација со болницата Ал Шифа и ќе помогне во евакуацијата на бебињата од педијатриското одделение во побезбедна болница.

Претходно, Министерството за здравство на Газа соопшти дека три бебиња во неонаталното одделение на болницата Ал Шифа во северниот дел на Газа починале откако болницата останала без струја, вода и залихи.

Мунир Ал Бурш, кој го предводи Министерството за здравство во Газа, контролирано од Хамас, рече дека лекарите биле принудени да им даваат мануелно вештачко дишење на 36-те бебиња во одделението.

Бурш додаде дека болницата е опкружена од сите четири страни и проценува дека таму моментално се лекуваат 400 луѓе, а околу 20.000 раселени луѓе бараат засолниште. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан