ИДФ ги убиле синовите на Ханија без консултации со Нетанјаху, објавија израелските медиуми
- Израелските сили ги убиле тројцата синови на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во воздушен напад во Газа без да се консултираат со високи команданти или политички лидери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, објавија денеска израелските медиуми.
Ерусалим, 11 април 2024 (МИА) - Израелските сили ги убиле тројцата синови на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија во воздушен напад во Газа без да се консултираат со високи команданти или политички лидери, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, објавија денеска израелските медиуми.
Повикувајќи се на високи израелски претставници, израелска новинска агенција објави дека Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант не биле однапред информирани за нападот, кој бил координиран од израелската војска и разузнавачката служба Шин Бет.
Тие изјавија дека Амир, Мохамад и Хазем Ханије биле мета затоа што биле борци, а не затоа што биле синови на политички лидер на Хамас. Израелската армија не ги коментираше информациите дека се убиени и четирите внуци на Ханије.
Кабинетот на премиерот и војската не беа веднаш достапни да ги коментираат извештаите на агенцијата.
Убиството на најблиските на Ханија може да ги искомплицира преговорите насочени кон обезбедување крај на борбите во Газа во замена за ослободување на 133 израелски заложници за кои се верува дека сè уште се заробени во опколената енклава.
Ханије рече дека Хамас има „јасни и специфични“ барања за согласност за каква било пауза во борбите.
„Непријателот е во заблуда ако мисли дека нападите врз моите синови, за време на екот на преговорите и пред движењето да ги испрати своите одговори, ќе го принудат Хамас да ја смени својата позиција“, рече вчера Ханија. рп/
Фото: ДПА