• вторник, 05 ноември 2024

Игор Митковски добиената награда ја донираше на семејството Атанасовски

Игор Митковски добиената награда ја донираше на семејството Атанасовски
Крива Паланка, 20 јануари 2022 (МИА) - Младиот дваесет и четиригодишниот Игор Митковски, кој го извлече крстот од водите на Крива Река, денеска ја донираше наградата што генералниот спонзор „Зегин“ му ја додели-машина за перење, на семејството Атанасовски.
Четиричленото семејство Атанасовски е во исклучително тешка состојба. Борче, 52 години, е единствениот вработен, работи четири часа дневно бидејќи мора да ги обавува сите потребни работи. Сопругата е со бубрежна инсуфициенција и оди на дијализа, едното дете, машко,15 години, има здравствен проблем со дебелото црево, а ќерката 19 години, е со церебрална парализа.
Митковски рече дека се чувствува среќен и со ова сака да даде пример за тоа како треба сите млади луѓе, но и воопшто сите луѓе што можат, да помогнат.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, ги прими Митковски и другарите, како и Борче Атанасовски, поздравувајќи го гестот, со акцент на тоа дека општината во изминатиот период е во постојана комуникација со семејството и веќе прави конкретни чекори за помош.
- Му честитам на хуманоста и одважноста на Игор, тој изрази желба да донира,а бидејќи ние како локална самоуправа сме веќе запознаени и претходно дониравме еднокоратна помош за ова семејство, посочив дека ќе им биде добредојдена и оваа машина,за полесно обавување на потребите. Како личност мој приоритет е да се биде хуман, така што, службите се во комуникација со останатите чинители и надлежни институции за помош и олеснување на состојбата на ова семејство. Среќен сум кога другите се среќни и оваа порака ја упатувам до сите граѓани, да го следиме патот на добрината во животот, изјави градоначалникот Митовски.
Митковски рече дека седум пати досега скока по крстот, а среќата да го извлече од водите на Крива Река ја има вторпат, по 2015 година.ид/фф/

Остани поврзан