• сабота, 23 ноември 2024

Иван Антоновски - добитник на наградата „Антево слово“ 2020/2021

Иван Антоновски - добитник на наградата „Антево слово“ 2020/2021

Скопје, 16 март 2021 (МИА) - Иван Антоновски за неговата песна „Нека биде запишано“ е годишен лауреат на четвртиот меѓународен конкурс за поезија „Антево слово“, распишан од Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“) во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст“ - Струмица“.

Како што соопшти денеска тимот на „Антево слово“, одлуката за наградата ја донесе жири-комисијата на „Антево слово“ 2020/ 2021 година - Сицилија, Италија во состав: Геро Ла Векија, Митко Гогов, Драгана Евтимова, Александар Поповски и Жорж Поповски по разгледување на повеќе од 120 пристигнати дела. -Познато е дека Анте Поповски како есеист многу често се занимавеше со археологијата на зборовите откривајки ги првите поетски објави уште кај нашите монаси во средновековието. Тој се обидуваше да ги одгатне, дооформи и дешифрира празнините во тие први објави на поетското кај нас. Дали намерно или како коинциденција, сеедно, песната со која Иван Антоновски учествуваше на годишниот конкурс „Антево слово“ насловена „Нека биде запишано“ се поклопува со таа пасија на Анте, односно со истражувањето на археологијата на зборот, наведува жири-комисијата во образложението. Според жири-комисијата, песната „Нека биде запишано“ на Иван Антоновски сe истакнува по неговиот оригинален пристап на толкување на веќе позната и надалеку обработувана тема: релацијата помеѓу нас и предците, но и помеѓу помладите генерации. - На тој начин испишува една современа сага за нашиот народ и алармира за неговата можна судбина. Колективната меморија на македонскиот народ е збогатена со антологиска песна која е своевиден темел на нашата борба за опстанок, овде и во светот, пишува жири-комисијата во образложението. Виолета Танчева – Златева  за „Стакло“ е добитник на втора награда, а добитници на трета награда се Ива Дамјановски за „Остров“ и Кристина Камплоне – „Роден сум“ (Италија). Специјална награда освоија Билјана Станковска – „Црно око“ и Бери Картер – „Соништата на притвореникот“ (САД). Млад автор е Ведрана Петрова со „Исповед“. Наградените автори ќе бидат застапени во новата антологија на Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“. мд/са/

Остани поврзан