• петок, 22 ноември 2024

Ивановска: За Анѓушев во 2019 година поднесовме иницијатива за негово разрешување, Владата ни одговори дека нема судир на интереси

Ивановска: За Анѓушев во 2019 година поднесовме иницијатива за негово разрешување, Владата ни одговори дека нема судир на интереси

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска посочи дека во 2019 година до Владата поднеле иницијатива за разрешување на тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев поради одлуката за намалување на Царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии. На ова, како што рече, од Владата добиле одговор оти не станува збор за судир на интереси.

- Уште во 2019 година за Анѓушев дадовме иницијатива за одговорност, односно за негово разрешување од Владата затоа што утврдивме состојба на судир на интереси, бидејќи тој сам учествувал во креирањето и донесувањето на одлуката за намалување на царината од 15 на 0 отсто на литиумските батерии кои всушност ги увезува неговата фирма. Меѓутоа, во рокот од 60 дена, колку што има Владата да не извести што презела по нашата иницијатива, не известува дека тоа не е судир на интереси, рече вечерва Ивановска во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма, одговорајќи на прашање во врска со ставањето на Анѓушев на црната листа на САД.

Таа потсети на препораката од ГРЕКО, во која меѓудругото се вели дека во државата треба да се санкционираат и состојбите на судир на интереси.

-Зошто секогаш треба некој од надвор да ни каже дали некој работи или не работи добро, дали злоупотребува или не злоупотребува, а не се слушаат институциите кои веќе ги завршиле предметите. За Мерко беше истиот случај. Уште во 2019 година беше завршен предметот и предаден во Јавното обвинителство и во Судски Совет, и никому ништо. Дури кога се стави Мерко на црната листа, тогаш имаше реакција, рече Ивановска.

Таа потенцираше дека никој од овие лица не отишол на распит, напротив, одреден број од предметите веќе се застарени. Според Ивановска, кога веќе институциите од надвор ни алармираат за постоење на корупција, тогаш тоа треба да ни послужи за пример и поажурно да се сработат предметите.

- Ако власта сака вистински да се справи со корупцијата, треба најпрвин да се погледне во огледало и да биде подготвена да се справи самата со себе. Ние не видовме некој личен пример, не видовме некој да се откаже од некоја привилегија, рече Ивановска. бт/бак/

Фото/принтскрин

 

Остани поврзан