Ибрахими за МИА: Не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир, нема да има предвремени парламентарни избори
- Ниту тогаш, ниту сега имам амбиција да се кандидирам за градоначалник на Чаир. Можам да кажам дека само ги почитувам одлуките донесени од субјектот што го застапувам. Верувам дека има многу кандидати кои ќе го освојуваат Чаир и не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир. Ова во интервју за МИА го вели претседателот на партијата Алтернатива која е дел од Коалицијата ВРЕДИ, Зеќирија Ибрахими. Тој на локалните избори во 2017 година како член на Движењето Беса беше кандидат за градоначалник на Општина Чаир.
Скопје, 16 јули 2025 (МИА) - Ниту тогаш, ниту сега имам амбиција да се кандидирам за градоначалник на Чаир. Можам да кажам дека само ги почитувам одлуките донесени од субјектот што го застапувам. Верувам дека има многу кандидати кои ќе го освојуваат Чаир и не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир. Ова во интервју за МИА го вели претседателот на партијата Алтернатива која е дел од Коалицијата ВРЕДИ, Зеќирија Ибрахими. Тој на локалните избори во 2017 година како член на Движењето Беса беше кандидат за градоначалник на Општина Чаир.
-Реално ниту тогаш не сум имал амбиции, а немам ни сега. И тогаш, и сега, можам да кажам дека само ги почитувам одлуките донесени од субјектот што го застапувам. Уште тогаш беше барање на субјектот јас да се натпреварувам на локалните избори во Чаир. Денес не сме во такви позиции. Верувам дека има многу кандидати кои ќе го освојуваат Чаир и не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир. Но, не дека категорично го одбивам ако се оцени како барање на субјектот и нашето членство. Сепак, се надевам дека во Чаир ќе имаме добра застапеност и тоа да биде во интерес на граѓаните на Чаир. Се надевам дека тоа ќе се постигне со кандидат на ВРЕДИ, особено што нашето владеење има посебен фокус на развојот на општините и мислам дека Чаир има можност да добие многу, истакнува Ибрахими.

Тој нагласува дека не постои ниту една причина да се оди на предвремени парламентарни избори.
-Не. Ова го изјавивме и ние и премиерот, дека не постои ниту една причина да се оди на предвремени парламентарни избори. Мнозинството е стабилно. Реално, ние се договоривме локалните избори да се одржат одделно и да се одржат наесен оваа година, некаде кон средината на октомври. Парламентарните избори треба да се одржат во нивниот редовен термин во 2028 година. Жал ми е што ќе ја разочарам албанската опозиција, но нивната судбина е таква, посочува Ибрахими.
Потенцира дека со ВМРО-ДПМНЕ како владин партнер била постигната начелна подготвеност да се поддржат на локалните избори.

-Ова се случува во секој изборен циклус на локалните избори. Не само владејачките партии, туку и опозициските партии се поддржуваа меѓусебно или за листите на советници или за кандидатури за градоначалници. Следствено, во функција на ова, г-дин Мицкоски има изјавено дека ќе ги поддржи кандидатите на ВРЕДИ. Не сме зборувале за детали, но верувам дека во наредните денови по распишувањето на локалните избори ќе имаме и поконкретни разговори за тоа каде и како можеме меѓусебно да дадеме поддршка, рече тој.
Ибрахими посочува дека дека до крајот на месецот ќе почнат да ги објавуваат имињата на кандидатите со кои ќе се натпреваруваат на локалните избори. Потенцира дека во некои општини ќе дадат поддршка и за независни кандидати.
-Но, јас се надевам дека до крајот на овој месец ќе имаме многу имиња кои ќе се натпреваруваат на локалните избори во име на ВРЕДИ. Нашиот интерес е да излеземе надвор од партиските структури на партиите кои го сочинуваат ВРЕДИ. Па така нудејќи кандидати кои се прифатливи и погодни за граѓаните, како што го споменавте примерот на Струга. И покрај фактот што имаме можност да се натпреваруваме со некој кандидат од партиите на ВРЕДИ во Струга, одлучивме да го поддржиме г-дин Менди Ќира, судејќи дека на тој начин и правиме добро на Струга. Затоа, го поддржавме г-дин Ќира и така можеме да дејствуваме и со другите општини каде што можеме да имаме такви кандидати кои се прифатливи и пожелни за нивната локална средина. Ако имаме други случаи во други општини, ВРЕДИ не се двоуми тие да ги поддржи, вели Ибрахими во интервјуто.

Во продолжение следува целото интервју.
Господине Ибрахими, пред неколку дена, како коалиција ВРЕДИ, организиравте панел за едногодишниот јубилеј на Владата каде што набројавте дел од постигнувањата. Го споменавте образованието, зголемувањето на платите во многу сектори и пензиите...Кој ќе биде фокусот отсега натаму на Алтернатива во рамки на коалицијата во однос на програмските определби?
-Ти благодарам за прашањето и можноста. Прво, морам да појаснам дека не споделив кој е фокусот на Алтернативата, бидејќи ние самите се перцепирани како заеднички политички субјект ВРЕДИ, иако сме органски неколку партии внатре. Затоа, секогаш ќе зборувам како ВРЕДИ, кои се нашите цели, а не како политичка партија, поради коректноста што ја имаме со колегите во рамките на ВЛЕН. Како што откривме на церемонијата што беше организирана за одбележување на една година од учеството на ВРЕДИ во владеењето, ние едноставно го спроведуваме она што го ветивме во изборната програма ВРЕДИ за изборите во 2024 година. Како што видовте, ние и тој ден за време на таа активност зборувавме за имплементацијата што е направена во ограничувањето на казината, што е направено во борбата против криминалот и корупцијата. Зборувавме за успесите што ги имавме на полето на образованието одделно, и тие беа еден од деловите за кои јас зборував пред таа публика. Зборувавме за социјалниот дел од животот, спортот и др. Секогаш ќе продолжиме да работиме врз овие премиси. Тоа што не очекува се локални избори и задолжително се ставаме во функција на развојот на локалната инфраструктура. Видовме дека една од точките на нашиот договор беше и зајакнувањето на фискалната децентрализација и соодветно на тоа е донесена одлуката за владеење дека Владата секоја година ќе издвојува 250 милиони евра кои во еднаков сооднос ќе бидат инвестирани во албанските општини и јас мислам дека она што следува ќе биде особено фокусирано на развојот на локалната инфраструктура.
Уставните измени остануваат сериозен предизвик за актуелната власт. Каков е вашиот став по ова прашање, имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да има уставни измени без јасни гаранции и договор?
-Да, тоа беше една од точките со која ние ја создадовме оваа Влада. За волја на вистината, Алтернатива како субјект е особено ангажирана на темата интеграција во Европската Унија. Знаете дека министерот за евроинтеграции е од Алтернатива и направивме се што е во наша моќ да го туркаме овој процес. За ваша информација и на јавноста, министерот Орхан Муртезани секогаш е ценет и се цени од сите партнери на Европската унија. Тој неодамна го посети и Париз, каде што беше пречекан на најдобар можен начин. Но, другата вистина е дека интеграцијата во Европската унија или отворањето на преговорите не зависи само од факторот ВРЕДИ, ниту од Албанците, но ниту само од Северна Македонија. Постојат неколку слоеви кои го условуваат отворањето на преговорите за членство во Европската унија. Станува збор за долгогодишен спор меѓу нашиот источен сосед Република Бугарија и нашата земја околу прашања поврзани со идентитетот и јазикот. Барањето на партнерите со кои сме во Владата во континуитет беше да се гарантира како процес дека после ова нема да има друго вето од страна на Бугарија или од институција на Европската Унија. За жал, се уште не е изнајден заеднички јазик во овој поглед и тоа ги спречи уставните измени да бидат изгласани во Собранието. На секоја средба сме зборувале и зборуваме и со премиерот, но овој процес не е деблокиран и за тоа не сакам да ги обвинувам само нашите владини партнери, туку тоа е процес кој бара и посилна поддршка од Брисел, и разбирање од Софија. Што се однесува до Албанците, сигурен сум дека не само ВРЕДИ, туку и секој албански пратеник во Републичкото Собрание е подготвен уште денеска да гласа за уставните измени.
Владата каде што и вие сте дел како ВРЕДИ, го усвои предлог-законот за правична и соодветна застапеност. ДУИ изразува загриженост за предлог-законот, кој, според нив, не нуди решение, туку ги продлабочува нееднаквостите. Вие, како коалиција, го оценивте како историски, како што рековте, бидејќи за прв пат правичната застапеност како уставна категорија од 2001 година добива законско решение. Како ги коментирате критиките на ДУИ?
-Очекувано е опозицијата да има реакции. За жал, тие не знаат како да ги оценат дури и работите кои се добри. Тие биле на власт долго време и никогаш не иницирале да се донесе ваков закон. Јавноста се сеќава дека тие биле целосно рамнодушни кон прашањето на законот и биле задоволни со една апликација, софтвер кој јавноста го препознава со терминот „балансер“ и за кој тие самите во мај 2023 година се изјасниле дека станал неефикасен и треба да се укине. Дури и во времето кога одлучиле да го укинат балансерот, тие немале никакво законско решение. И денес, кога ВРЕДИ, во заедничко владеење со ВМРО-ДПМНЕ, успеваат да направат закон за правична и соодветна застапеност, тие се оние кои реагираат дека овој закон не ги задоволува потребите на застапеност на Албанците во институциите. Отсекогаш сме велеле дека ниту еден закон нема апсолутна вредност и постои можност да биде корегиран и подобрен, но не може да се негира фактот дека само она што ќе имаме одредба регулирана со закон кажува многу за сериозноста со која оваа Влада пристапува кон темата за утврдување на правото на соодветна застапеност. Знаеме дека ова е одредба од Охридскиот договор и ние не сме биле задоволни тоа да остане ниту во волјата на некој политички фактор, ниту во пресметките на еден софтвер, туку сме побарале тоа да има законско решение и денес постои законското решение. За да немаме друго оспорување, одлучено е заедно со нашиот партнер во Владата, првично да биде испратен во Венецијанската комисија, а потоа и во Републичкото собрание. Многу се надевам дека оваа албанска опозиција ќе се отрезни и ќе го цени пристапот дека ова решение е многу подобро од состојбата во која ја оставија застапеноста на Албанците. Затоа, ги повикувам да не го саботираат донесувањето на овој закон, туку да бидат совесни и одговорни, да сфатат дека е многу важно да има закон за правична и соодветна застапеност на сите етнички заедници во Северна Македонија.
Дали Предлог-законот е испратен во Венецијанската комисија?
-Не можам да кажам со сигурност, бидејќи не сум учесник на седниците на Владата, но или е испратен или е во процес на испорака. Ова е техничко прашање и не се однесува на прашањата на политичките одлуки.
Опозицијата ве обвинува за потфрлување во вработувањето на Албанците, особено во централните институции каде овој сооднос според нив е многу низок. Во меѓувреме, вие самите во подкаст најавивте 2.500 вработувања на млади Албанци пред да бидат распишани локалните избори. Колку е достижно ова, според вас?
-Ние ја предизвикавме албанската опозиција да избере која година сакаат тие од нивното владеење од 2002 до 2024 година, со која година сакаат да се споредуваат за вработувањето на Албанците во државните институции. Сигурен сум дека ова никогаш не се случило во минатото 2.500 Албанци да се вработат и да се унапредат во рок од една година. Овој процес е во тек. Тоа се технички прашања поврзани со склучување договори, но имаме непоколеблива согласност дека до распишувањето на локалните избори до 8 август, кога ќе може да се распишат изборите, овој процес ќе биде заокружен и ние сме подготвени да известиме и со точни бројки во кои институции се случиле тие вработувања и тие унапредувања. Ова не е нешто што можеме да го сокриеме и да го држиме подалеку од очите на јавноста, туку се нешта што ќе бидат пресметани во бројки и јавноста ќе види точно дека ова не беше празно ветување, туку суштинска одлука.
Во последно време, ВРЕДИ отвори доста сериозна тема во јавноста, која се однесува на пописот. Рековте дека со пописот во 2021 година сторено е сериозно предавство од страна на поранешниот состав СДСМ-ДУИ, особено во бришењето на дијаспората, за таа да биде третирана како нерезидентна. Значи, во повеќето албански општини, излегува дека има повеќе гласачи отколку запишани жители. Зошто токму сега се отвора оваа тема?
-Навистина треба да прецизирам дека оваа тема не беше отворена од ВРЕДИ, туку стана тема поради одлуката на Уставниот суд кој ја поништи одлуката што беше донесена во тоа време пописот да се спроведе со попишување на граѓаните како резиденти и нерезиденти и ние едноставно одговоривме. Гледајќи го овој факт, испаѓа дека тие кои го направија пописот од таа година, ако можеме да го употребиме терминот што го користи опозицијата дека тие всушност ја предале албанската дијаспора затоа што неправедно ја ставиле категоријата нерезидентен граѓанин. И ова беше нашата реакција за да прецизираме, бидејќи тие се повикуваат на заштитата на правата на етничките Албанци и чувари на Албанците. Но, реално, тие кои им наштетиле на Албанците се токму тие затоа што ја ставиле албанската дијаспора во категоријата нерезидентни граѓани. Нашата цел е сите Албанци, сите граѓани на оваа земја да бидат вклучени во вкупниот број на населението и да не дозволат некој да биде дискриминиран без разлика колку време поминува во татковината или не, ова е друго прашање. А ние не можеме да им судиме на граѓаните бидејќи тие се на привремена работа надвор од земјата. Секако, ова не го менува фактот дека Албанците се близу 30 проценти и тоа воопшто не му наштетува на корпусот на етничките права на Албанците во Северна Македонија.

Во меѓувреме и вие како коалиција и Европскиот фронт најавувате победи на локалните избори. Можеме ли да очекуваме предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори?
-Не. Ова го изјавивме и ние и премиерот, дека не постои ниту една причина да се оди на предвремени парламентарни избори. Мнозинството е стабилно. Дури го имавме и последниот случај кога требаше да се донесат некои закони и да се донесат некои одлуки во Собранието со целосно мнозинство од две третини и со Бадентер т.н. голем Бадентер и навистина во Собранието се покажа дека има двотретинско мнозинство, па дури и мнозинство на Бадентер. Затоа, нема причина да одиме на предвремени избори кога зборуваме за бројките кои се во Собранието. Остатокот од желбите на некои незадоволни партии кои остануваат во опозицијата е прашање на нивно незадоволство и затоа што се уште не можат да се перцепираат како опозициска партија и опозицијата има цена што треба да ја плати. Реално, ние се договоривме локалните избори да се одржат одделно и да се одржат наесен оваа година, некаде кон средината на октомври. Парламентарните избори треба да се одржат во нивниот редовен термин во 2028 година. Жал ми е што ќе ја разочарам албанската опозиција, но нивната судбина е таква.
Премиерот Христијан Мицкоски неодамна најави дека ќе ги поддржи кандидатите на ВРЕДИ за локалните избори, таму каде што нема да излезат со свои кандидати. До каде се разговорите и кога ќе биде финализиран овој договор?
-Реално, не дека сме имале некаков посебен договор со господинот Мицкоски во однос на меѓусебната поддршка на локалните избори. Беше договорена подготвеност како владин партнер да се поддржуваме на локалните избори. Ова се случува во секој изборен циклус на локалните избори. Не само владејачките партии, туку и опозициските партии се поддржуваа меѓусебно или за листите на советници или за кандидатури за градоначалници. Следствено, во функција на ова, г-дин Мицкоски има изјавено дека ќе ги поддржи кандидатите на ВРЕДИ. Не сме зборувале за детали, но верувам дека во наредните денови по распишувањето на локалните избори ќе имаме и поконкретни разговори за тоа каде и како можеме меѓусебно да се поддржуваме. Секогаш сакам да нагласам дека локалната власт треба да се гледа во функција на граѓаните и граѓаните не се секогаш во општините само Албанци или само Македонци, туку особено делот од локалната власт кој има врска со локалната инфраструктура, водоводот, канализацијата, осветлувањето, асфалтирањето, училиштата, градинките, локалните амбуланти. Многу е важно да се обезбедат добри услови за граѓаните во локалната власт. Затоа, за нас е многу важно да можеме да ги освоиме тие општини, да бидеме успешни на изборите и тоа потоа да се претвори во подобар живот за граѓаните. Следствено, ќе побараме помош и соработка од сите кои ќе ја поддржат нашата понуда за локалните избори, вклучително и од нашиот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ.
Засега во јавноста е познат само кандидатот за Струга, значи вашата поддршка за независниот кандидат Менди Ќира, додека се уште не се познати имињата за Тетово, Чаир, Сарај...Во кои општини, како Алтернатива во рамките на ВРЕДИ, ќе имате ваш кандидат и дали засега можеме да зборуваме за конкретни општини и конкретни имиња?
-Сакам уште еднаш да повторам дека кандидатите на ВРЕДИ ќе бидат од ВРЕДИ и ние не се делиме на Алтернатива или на други партии, бидејќи нашиот интерес е ВРЕДИ да постигне успех, а не партиите кои го сочинуваат ВРЕДИ да можат да се пофалат со својот партиски успех. Следствено, дури и подалеку од ова, нашиот интерес е да излеземе надвор од партиските структури на партиите кои го сочинуваат ВРЕДИ. Па така нудејќи кандидати кои се прифатливи и погодни за граѓаните, како што го споменавте примерот на Струга. И покрај фактот што имаме можност да се натпреваруваме со некој кандидат од партиите на ВРЕДИ во Струга, одлучивме да го поддржиме г-дин Менди Ќира, судејќи дека на тој начин и правиме добро на Струга. Не е битно ние да покажеме партиски бајрактаризам со тоа што ќе и наштетиме на Струга. Затоа, го поддржавме г-дин Ќира и така можеме да дејствуваме и со другите општини каде што можеме да имаме такви кандидати кои се прифатливи и пожелни за нивната локална средина. Ако имаме други случаи во други општини, ВРЕДИ не се двоуми тие да ги поддржи. Засега во ВРЕДИ немаме договор или одлука за имињата кои ќе го претставуваат ВРЕДИ на претстојните локални избори. Направивме неколку анкети и истражувања и ова ни даде преглед за тоа кои се најприфатливите имиња за локалните избори во одредени општини. Треба само да седнеме заедно и да разговараме. Јас сум многу убеден дека ВРЕДИ ќе ги понуди најсоодветните имиња за претставување на локалните избори, без оглед на тоа дали тие се и имињата на партиите кои денес го сочинуваат ВРЕДИ.
Кога се очекува конечно да ги објавите?
-Не можам да ви кажам точни датуми.
Приближно?
-Конечно е во времето кога ќе се распишат изборите. Но, јас се надевам дека до крајот на овој месец ќе имаме многу имиња кои ќе се натпреваруваат на локалните избори во име на ВРЕДИ.
До каде е трансформацијата на коалицијата ВРЕДИ во партија и дали сето ова ќе заврши пред локалните избори? За потсетување на јавноста, досега како имиња за лидер се спомнуваа Изет Меџити и Билал Касами. Има ли нешто конкретно во врска со тоа?
-Постои општа согласност ВРЕДИ да се трансформира во заедничка политичка партија. Но, постојат некои елементи кои го условуваат формирањето или трансферот на ВРЕДИ во политичка партија. Тоа се правни прашања, на пример првично, дека никој не може да биде член на две политички партии во исто време. За ВРЕДИ да стане политичка партија, мора да згаснат актуелните политички партии. Ако актуелните политички партии се едни од тие кои денес се ВРЕДИ, тие се учесници на претходните избори и тоа е поврзано со финансирањето на изборната кампања што ја прави Државната изборна комисија и немаме интерес да ги згаснеме сегашните политички партии бидејќи тогаш се гаси и можноста за поддршка што доаѓа од ДИК. Потоа, постојат и други политички одлуки во смисла на тоа дека нам ни е потребно да имаме заеднички договор за идеолошките цели на ВРЕДИ и последна може да биде темата на лидерството на ВРЕДИ. Ова сум го кажал и на состаноците на ВРЕДИ и ќе го кажам и во јавноста дека прашањето на лидерот не е само прашање на гласови, туку е и прашање на перцепција на политичка фигура од страна на целокупната структура што го сочинува тој политички субјект. Следствено на тоа, мислам дека ни треба уште малку време за да ги консолидираме актуелните фигури на ВРЕДИ и сите да бидат прифатени како фигури кои можат да го предводат ВРЕДИ. Тоа што можам да го кажам, општа и добра информација за гласачите и поддржувачите на ВРЕДИ е дека имаме целосна хармонија и нема никаква поделба, никакви судири во однос на лидерството или бајрактаризам кои вообичаено се појавуваат во политичките субјекти. Но, изгледа дека оваа работа ќе остане за по изборите.

Како стојат работите со третиот ешалон или дирекциите. Дали има места што сè уште треба да се пополнат?
-Да, има уште некои дирекции кои не се пополнети, некои позиции кои се уште се празни или кои треба да се заменат и тоа се случило од чисто формални причини, на пример некаде каде што е избран директор со конкурс и не може да биде разрешен додека не истече рокот на неговиот мандат, на друго место кандидатот кој го предложивме не ги исполнува законските услови и мора да биде заменет со друг кандидат, на друго место се постапките кои условуваат именување на кандидат поради движењата кои се прават во рамките на институциите за преместување кадри. Затоа, постојат голем број позиции кои сè уште не се пополнети, но овој број, ако можам да кажам процентуално, не е ниту 10 проценти од именувањата што требаше да ги добие ВРЕДИ. Таков е случајот и со ВМРО-ДПМНЕ и другите партии кои се уште не успеале да ги именуваат. За разлика од минатите власти каде што ние имаме такво искуство, оваа Влада е строго посветена на тоа сите тие кои ќе бидат назначени на позиции да ги почитуваат условите како што се предвидени со закон. На пример, ако било условено дека некој треба да има пет години работно искуство, но во законот пишува дека ќе ги има по завршување на факултетот и имаме случаи на кадри кои не се назначени иако вкупно имале 10 години работно искуство бидејќи го имале мнозинството пред завршување на факултетот, не можеле да бидат назначени. Оваа Влада не ги прекршила именувањата за ниту една рамка и драго ми е што функционираме во согласност со законите и се навикнуваме да го почитуваме таквото функционирање и да не го злоупотребуваме правото со тоа што наоѓаме празнини за именување на одредени кадри.
Народниот правобранител Насер Зибери е пред пензионирање и според сите информации наскоро ќе имаме нов Народен правобранител, бидејќи мандатот на Народниот правобранител му престанува кога ги исполнува условите за пензионирање. Дали се зборува за конкретно име?
-Да, и ние имаме информации дека Зибери се пензионира и на таа позиција ќе остане да се избере некој. Но, досега не се одржале преговори за предлагање на ново име. Во наредните денови можеби ќе ги имаме овие информации. Во моментов нема дискусија за ново име. Сепак, Народниот правобранител не е политичка фигура, како што беше случај со г-дин Зибери, кој дојде како награда за кампањата што ја направи за прв албански премиер. Се надеваме дека следниот Народен правобранител ќе биде консензуална фигура која ќе биде претставник на интересите на народот, а не претставник на политички субјект. Ако има потреба, ќе се договориме и со опозицијата, но секогаш би сакале името на Народниот правобранител да биде име кое вистински ги претставува интересите на народот, а не интересите на некој субјект или политички спектар.
Г-дин Ибрахими, во 2017 година, како член на Движењето Беса, бевте кандидат за градоначалник на Општина Чаир. Дали повторно имате амбиции да се кандидирате за градоначалник на Општина Чаир?
-Реално ниту тогаш не сум имал амбиции, а немам ни сега. И тогаш, и сега, можам да кажам дека само ги почитувам одлуките донесени од субјектот што го застапувам. Уште тогаш беше барање на субјектот јас да се натпреварувам на локалните избори во Чаир. Денес не сме во такви позиции. Верувам дека има многу кандидати кои ќе го освојуваат Чаир и не се гледам себеси како најдобар кандидат за освојување на Чаир. Но, не дека категорично го одбивам ако се оцени како барање на субјектот и нашето членство. Сепак, се надевам дека во Чаир ќе имаме добра застапеност и тоа да биде во интерес на граѓаните на Чаир. И се надевам дека тоа ќе се постигне со кандидат на ВРЕДИ, особено што нашето владеење има посебен фокус на развојот на општините и мислам дека Чаир има можност да добие многу.
Фатиме Фазљији
Фото: Фросина Насковиќ