Златен прстен на Тупак продаден за милион долари
- Раперот сам го дизајнирал прстенот во тек на неколку месеци, се вели во описот. А, неговата кума Јасмин Фула го ставила прстенот на наддавање.
Њујорк, 26 јули 2023 (МИА) - Прстен од злато, со рубини и дијаманти, што рап-легендата Тупак Шакур го носел на неговото последно јавно појавување, беше продаден за милион долари на аукција во Њујорк вчера. Победничката понуда беше многу над проценката на „Сотби'с“ пред продажба што се движеше меѓу 200.000 и 300.000 долари. Со ова, предметот стана највредниот хип-хоп артефакт некогаш продаден, соопшти аукциската куќа.
Тупак го носеше прстенот на „Ем-ти-ви видеомузичките награди“ на 4 септември 1996 година. Раперот од Њујорк, САД, беше застрелан од неидентификуван напаѓач во пукање од автомобил во Лас Вегас девет дена подоцна, на 13 септември. Тој имаше 25 години.
Раперот сам го дизајнирал прстенот во тек на неколку месеци, се вели во описот. А, неговата кума Јасмин Фула го ставила ова парче накит на наддавање.
По шест месеци од убиството на Шакур беше убиен и друг рапер од Источниот брег - Кристофер „Ноториоус БИГ“ Валас. Многумина веруваат дека биле убиени како дел од непријателството меѓу музичките рап-брендови, „Дет роу“ (Death Row) со седиште во Лос Анџелес и „Бед бој ентертејнмент“ (Bad Boy Entertainment) од Њујорк. Но, некои музички историчари велат дека тој „јаз меѓу Западниот и Источниот брег“ е преувеличен од комерцијални причини.
Инаку, минатата недела Полицискиот оддел на Лас Вегас изврши претрес на домот на Дуејн Кит Дејвис, поради можна поврзаност со убиството на Тупак. си/
Фото: Интернет-страница на „Сотби'с“; Википедија.