• сабота, 23 ноември 2024

ЗКРСМ ќе користи искуства од Хрватска за креирање мерки за развој на занаетчиството

ЗКРСМ ќе користи искуства од Хрватска за креирање мерки за развој на занаетчиството

Куманово, 15 декември 2023 (МИА) - Занаетчиите од државата ќе црпат искуство од Хрватска во креирање на мерки, политики за развој на занаетчиството, информираа денеска надлежните од Занаетчиската комора на Република Северна Македонија. Занаетчиството е важен сегмент за развој на економијата и многу е важно да се вложува во него, пред сè во надминување на проблемот со недостиг на кадар, смета претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији. Тој на денешната прес-конференција кажа дека форумот поминал одлично, бидејќи коморите размениле искуства за надминување на предизвиците со кои се соочуваат занаетчиите на национално ниво.

-Во Европската Унија, идната година е прогласена за година на вештини. Ќе го искористиме овој момент, ќе аплицираме за проект за развој на занаетчиството. Мора да потенцирам дека поддршката која ЕУ ја дава за занаетчиите во Хрватска е на завидно ниво. Се инвестира во училишта каде се развива занаетчиството, засега такво нешто не постои кај нас. Ние упорно бараме да има училишта за практична настава на занаетчиите. Свесни сте дека сè повеќе недостигаат занаетчии и на тој проблем мора да се работи, вели Фазлији.

Државата треба да креира мерки за насочување на младите кон стручното образование за да се продуцира стручен квалификуван кадар. Занаетчиите очекуваат поддршка од сите и од државните и локалните власти.

-Многу е важно да се субвенционираат младите, ама не со исти средства. На пример 5.000 евра субвенција се доволни за фризерница, ама не и за механичарска работилница. Гледајќи го хрватскиот пример, таму се даваат и по 25.000 евра за механичарска работилница за да мајсторите им останат. Мора многу претпазливо да се носат мерките, вели Фазлији.

Целта на мерките кои ќе се креираат е да им се помогне на занаетчиите да го добијат заслуженото место во општеството, да се постигне конструктивен дијалог, кој ќе овозможи и воспостави рамковни услови за развој и унапредување на малиот бизнис и занаетчиството. ам/


Фото: МИА

Остани поврзан