Зиба: Новите апарати за хемодијафилтрација овозможуваат поквалитетен третман за пациентите на дијализа
- Значително намалување на несаканите ефекти од традиционалната хемодијализа и поквалитетен третман добија пациентите со бубрежна инсуфициенција во Специјалната болница за нефрологија во Струга со набавката на трите нови апарати за хемодијафилтрација, истакна директорот на Болницата, Јетмир Зиба.

Струга, 28 март 2025 (МИА) - Значително намалување на несаканите ефекти од традиционалната хемодијализа и поквалитетен третман добија пациентите со бубрежна инсуфициенција во Специјалната болница за нефрологија во Струга со набавката на трите нови апарати за хемодијафилтрација, истакна директорот на Болницата, Јетмир Зиба.
Хемодијафилтрацијата, појасни тој, обезбедува поцелосно отстранување на токсините, подобрување на хемодинамичката стабилност, помалку несакани ефекти, подобра заштита на кардиоваскуларниот систем и намалување на хроничното воспаление.
- Овој голем напредок во нефролошките услуги на болницата е доказ за нашата посветеност да обезбедиме модерни и ефикасни третмани за пациентите во Северна Македонија. Благодарение на оваа донација, заедно со целосно реновираниот објект за „холидеј дијализа“, пациентите во нашата болница ќе имаат можност да добијат поквалитетен и побезбеден третман, со што ќе се зголеми нивниот животен век и благосостојба. Оваа инвестиција во модерна технологија претставува значаен чекор кон подобрување на јавното здравство и третманот на бубрежните заболувања, рече Зиба.
Трите модерни апарати за хемодијафилтрација, која е поефикасна и напредна метода за прочистување на крвта кај пациентите со бубрежна инсуфициенција се обезбедени преку Центарот за развој на Југозападниот плански регион, проект финансиран од Министерство за локална самоуправа и Швајцарска агенција за развој и соработка во вредност од над три ипол милиони денари. сс/мд/
Фото: МИА