• среда, 17 јули 2024

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Земјоделците од штипските села се жалат дека немаат вода за наводнување на културите

Штип, 21 јуни 2024 (МИА) - Земјоделците од четири штипски селa денеска реагираа дека со денови немаат вода за наводнување од хидросистемот „Брегалница“.

Јонче Велков, земјоделец од штипското село Врсаково вели дека земјоделците од штипскиот регион и Овче Поле трпат големи штети бидејќи водата за наводнување од стариот систем, но и кражбите кои се забележани на терен, не може да пристигне до нивите за селата во штипскиот и светниколскиот регион. Велков забележува дека штетите се големи на пченката, бостанот и детелината, кои интензивно се сушат.

-Има луѓе кои ги поставија цевките во своите ниви и гледаат дека нема вода, а за да не се нервираат повеќе си ги собираат цевките и си ги носат дома, зашто знат дека годината е завршена, да немаат главоболки и да прават дополнителни трошоци. Дел од луцерката (детелината) лани што ги наводнував ги оставам, за да спасам дел од пченката што може да се спаси, инаку другото е целосно изгорено, вели Велков.

Земјоделците од штипското село Врсаково пред извесен период и самите го имаат санирано дефектот на системот за наводнување за да им пристигне водата во нивите.

Богољуб Митев, земјоделец од село Врсаково забележува дека каналот за наводнување е проектиран за девет кубни метра вода во секунда, од кои шест кубни метри се за културите во Овче Поле, но во моментот имам само 10-тина сантиметри вода во секунда. Земјоделците од штипскиот регион сметаат дека целата вода се троши во Кочанско за наводнување на оризовите полиња, а и тие си ги плаќаат сметките за водарина.

-Тие си ги полнат оризите, целата вода таму оди рефус, знаеме како и наваму неколку 100-тина фамилии од штипскиот и светиниколскиот регион ќе останат со празни раце, а за пример ќе земам дека во село Врсаково наплата е 90 отсто, изјави Митев.

Младиот земјоделц Марио Митев истакна дека итно мора да се најде решение бидејќи штетите се големи поради тоа што земјоделските култури не се наводнуваат.  

Кочанските оризопроизводители од селото Облешево денеска се пожалија дека вода нема и до нивите во селото Облешево. Здравко Арсов, оризопроизводител посочи дека на терен владее хаос бидејќи има и насилно испуштање на водата. Затоа, како што вели тој, треба да се прогласи вонредна состојба за системот за наводнување и на сите мерни места, каде што се испушта вода да се постават луѓе кои ќе ги чуваат.

Директорот на  Водостопанство „Брегалница“ Благојчо Богатинов информира дека водата за светниколскиот регион е пуштена вчера, но синоќа по 22 часот забележана е кражба, односно испуштање на водата на две мерни мести кај селата Крупиште и Жиганци. Поради високите температурите во јуни наводнителната сезона е почната порано, но проблем е и стариот канал за наводнување и немање на доволен број на стручен кадар во Водостопанство „Брегалница“. вдј/мд/

Фото: МИА  

Остани поврзан