• четврток, 26 март 2026

Земјите од Заливот со порака до ОН: Иран е егзистенцијална закана за меѓународната и регионалната безбедност 

Земјите од Заливот со порака до ОН: Иран е егзистенцијална закана за меѓународната и регионалната безбедност 

Женева, 25 март 2026 година (МИА) - Земјите од Персискиот Залив денеска му порачаа на Советот за човекови права на ОН дека Иран претставува егзистенцијална закана осудувајќи ги иранските напади врз нивната инфраструктура за кои високиот комесар на ОН за човекови права рече дека би можеле да претставуваат воени злосторства - објавија британските медиуми.

Речиси едномесечната војна меѓу САД и Израел против Иран предизвика голема иранска одмазда во форма на напади со беспилотни летала и ракети врз енергетската и цивилната инфраструктура во земјите од Персискиот Залив, при што загинаа цивили и се зголеми цената на нафтата.

„Сведоци сме на егзистенцијална закана за меѓународната и регионалната безбедност. Овој агресивен пристап ги поткопува меѓународното право и суверенитетот“, изјави кувајтскиот амбасадор Насер Абдула Х.М. Алхајен пред Советот со седиште во Женева. 

Другите земји од Персискиот Залив исто така ги осудија постапките на Иран за кои рекоа дека се наменети за ширење терор, објавија британските медиуми.

Земјите во 47-члениот Совет за човекови права ќе гласаат за предлогот со кој се осудуваат иранските напади, ќе се бара репарации од Иран и ќе се повикува високиот комесар на ОН за човекови права да ја следи ситуацијата.

Иран ги бранеше своите постапки велејќи дека досега во нападите меѓу САД и Израел се убиени повеќе од 1.500 цивили. 

„Се бориме во име на сите вас против непријател, кој, ако не се сопре денеска, утре ќе биде надвор од контрола“, рече иранскиот амбасадор во ОН во Женева, Али Бахреини, осврнувајќи се на Израел.

Иран исто така побара итна седница на Советот на ОН за смртоносниот напад врз основното училиште, која ќе се одржи в петок.

Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк, денеска ги повика земјите да го прекинат конфликтот во Иран опишувајќи ја ситуацијата како исклучително опасна и непредвидлива.

„Овој конфликт има невидена моќ да ги вовлече земјите преку границите и во целиот свет“, рече тој.

„Нападите врз цивилите и цивилната инфраструктура мора да престанат. Ако се намерни, ваквите напади може да претставуваат воени злосторства“, истакна тој.

Тој исто така се осврна на нападите насочени кон области во близина на нуклеарни централи во Иран и Израел велејќи дека тие ризикуваат „апсолутна катастрофа“.

„Неодамнешните ракетни напади во близина на нуклеарните постројки во Израел и Иран ја нагласуваат огромната опасност од понатамошна ескалација; државите флертуваат со апсолутна катастрофа“, рече Турк во видеопорака на отворањето на вонредниот состанок на Советот за човекови права за нападите на Иран во Заливот.сд/ми/

Фото: МИА архива

Остани поврзан