• сабота, 23 ноември 2024

Земјава бележи зголемување на опфатот со вакцинација, но се уште е под препорачаните 95 отсто затоа ќе се подига свеста кај населението

Земјава бележи зголемување на опфатот со вакцинација, но се уште е под препорачаните 95 отсто затоа ќе се подига свеста кај населението

Скопје, 22 април 2024 (МИА) – Министерството за здравство ќе ја подига свеста на населението за потребата и придобивките од редовно вакцинирање во рамките на Европската недела на имунизација и покрај зголемениот опфат со вакцинација во текот на изминатата година. За оваа намена, како што истакна ресорниот министер Илир Демири, Министерството за првпат има одвоено средства за сензибилизација и делење на промотивен материјал во сите вакцинални пунктови во земјава.

-Се организира акција која веќе е во тек, таканаречена „спринт за имунизација“, каде над 70 тимови на доктори и медицински сестри ќе излезат на терен и ќе посетат над 3.000 семејства на невакцинирани деца со фокус на вакцинација за пертусис и морбили. Исто така, Министерството за здравство од Програмата за имунизација обезбеди средства за сите вакцинални пунктови при здравствените домови низ Македонија достојно да ја одбележат неделата за имунизација со настани поврзани за прмоција, рече Демири на денешната прес-конференција.

Министерството за здравство ќе ја подига свеста на населението за потребата и придобивките од редовно вакцинирање во рамките на Европската недела на имунизација и покрај зголемениот опфат со

Тој апелираше до родителите да ги вакцинираат децата, затоа што, како што рече, високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет.

-Со редовна вакцинација ги заштитуваме децата, најблиските и пошироката заедница од тешки заразни заболувања. Вакцините се апсолутно безбедни, а со воведувањето на вакцинацијата како мерка за заштита од заразни болести се постигнати најдобрите резултати во историјата на медицината, посочи Демири.

Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани истакна  дека вакцините се најбезбедниот метод за заштита на децата. 

-Денеска се проценува дека вакцините се најуспешното нешто и што е најважно спасуваат животи. Во последните години спасуваа два до три милиони животи годишно. Сега имаме вакцини за над 20 болести опасни по живот. Сепак, по три децении соочени сме со намалена имунизација која се должи на дезинформации со безбедноста на вакцините, рече ДиЏовани.

Порача дека Европската недела на имунизација се случува секоја година во исто време и додаде дека само со опфат од 90 до 95 отсто може да се заштитат оние кои не смеат да се вакцинираат. Ги повика родителите да не чекаат да избијат епидемии за да ги вакцинираат и заштитат своите деца, туку да им обезбедат на своите деца иста заштита како што нивните родители им обезбедиле нив. 

-Не чекајте да избие епидемија за да ги заштитите вашите деца. Веројатно не се сеќавате дека вашите родители ве одвеле на вакцинација, но со тоа помогнале да станете дел од едно од најголемите достигнувања на човештвото. Обезбедете им ја на вашите деца заштитата што ви ја дале вашите родители во минатото. Заедно можеме да направиме пресврт и да го вратиме колективниот имунитет, посочи ДиЏовани.

Специјалната претставничка на Светската здравствена организација (СЗО) Ане Јохансен порача дека медиумите се многу важен фактор во напорот да се обезбеди доволна покриеност со вакцини.

-Ковидот остави многу тешки последици врз сите нас поради тоа што немаше соодветна вакцина за заштита, но и поради тоа што лицата што не биле редовно вакцинирани претходно полесно се заразуваа и подлегнаа на болеста. Без вакцини и без вакцинација не можеме да го научиме имунолошкиот систем како да се бори против болестите. Токму затоа родителите мора да сфатат зошто вакцините се многу важни, но и дека се безбедни, рече Јохансен.

Посочи дека земјава во многу области е лидер во регионот, но не и во областа на имунизација. Тоа, како што кажа, ја загрижува. Потенцираше дека во моментов со финансиска поддршка на УСАИД, СЗО ја поддржува иницијативата „Спринт за имунизација“ низ целата земја.

-Оваа иницијатива има за цел да ја подобри пристапноста и да ги зголеми стапките на покриеност во сите региони на државата преку проширување на достапноста за услугите за вакцинација на локално ниво, обезбедување вакцинација на самото место преку мобилни тимови за вакцинација на национално ниво и делење информативни материјали за имунизација базирани на докази. Овие наши активности ќе траат се додека секое лице кое ги исполнува условите не биде целосно вакцинирано. СЗО ќе продолжи и во иднина да ги поддржува владините напори за зајакнување на програмите за имунизација, вклучително и поддршка во развојот на новиот Правилник за имунизација, зајакнување на капацитетите за планирање и спроведување на процесите на вакцинација и поддршка на успешното спроведување на националниот план за вакцинација и многу повеќе, истакна Јохансен.

Д-р Кети Ставридис од Институтот за јавно здравје посочи дека во 2023 година опфатот со задолжителни вакцини во земјава бележи благо подобрување, но се уште е под препорачаниот опфат од 95 отсто и за сите вакцини е под 90 отсто. 

-Во нашата земја по дваесет години, првпат во 2020 година, е регистриран опфат под 90 отсто за примовакцинација со три дози на ДиТеПер/ИПВ вакцина. Во текот 2023 година, опфатот за примовакцинацијата со три дози на ДиТеПер/ИПВ/ХиБ вакцина, како и вакцината против хепатит Б, бележи зголемување во однос на 2021 и 2022 година, но сепак е понизок од 90 отсто. Опфатот на примовакцинација (со три дози) со вакцините вклучени во поливалентните вакцини (ХиБ/ДиТеПер/ИПВ), бележи зголемување во однос на 2022 година (84,1%) и изнесува 86,3 %, а за вакцината против Хепатит Б изнесува 85,8%, прецизира д-р Ставридис.

Нагласи дека опфатот со ротавирусната вакцина (од воведувањето во 2019 година) континуирано бележи пораст, достигнувајќи 67,9 отсто. Опфатот со МРП вакцинација, бележи зголемување во однос на 2022 година (70,7%), но сè уште има низок опфат од 73,4 отсто што е далеку од препорачаниот опфат од 95 отсто. Вакцината против ХПВ инфекција, како и секоја година од воведувањето, има најнизок опфат (56,6%). Сепак, бележи зголемување на опфатот во однос на 2022 година (52,5%), а особено во однос на 2020 година (35,5%).

-Со исклучителен успех е спроведена вакцинацијата на територијата на Пехчево, каде опфатот за сите вакцини е 100 отсто. На територијата на ЦЈЗ Кочани, ЦЈЗ Кочани/ПЕ Виница, ЦЈЗ Охрид/ПЕ Дебар и ЦЈЗ Куманово/ ПЕ Кратово за сите вакцини опфатот е над 90 отсто, а за одредени вакцини достигнува 100 отсто, истакна д-р Ставридис. вј/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан