• петок, 20 декември 2024

Земан: Ако Кина ја поддржи Русија, нема да може да посредува за мир во Украина

Земан: Ако Кина ја поддржи Русија, нема да може да посредува за мир во Украина
Прага, 2 март 2023 (МИА) - Претседателот на Чешката Република во заминување, Милош Земан, денеска во Прага предупреди дека само неутралните земји можат да бидат потенцијални посредници во преговорите за завршување на војната во Украина, а „Кина нема да може да го стори тоа доколку ја поддржи Русија“.

„Сметам дека во некои случаи неутралноста на државата може да биде од корист. Токму денеска реков дека неутралноста на Австрија во одредени околности може да и овозможи на таа земја да игра улога на посредник во случајот со Украина и Русија. Пред еден месец разговарав со кинескиот претседател и исто така се согласивме дека Кина доколку не ја поддржи Русија, може да биде посредник“, рече Земан на прес-конференција со австрискиот претседател Александер ван дер Белен.

Ван дер Белен потврди дека Австрија е воено неутрална, притоа истакнувајќи дека неутралноста не значи рамнодушност.
 
„Се разбира, тука имаме јасен став. Важно е дека во Европската унија, а ние сме нејзина членка, стоиме заедно во овие времиња, не смееме да дозволиме поделба, мора да зборуваме во еден глас. Сè уште ни е потребна таа европска солидарност, договор, одлучност да застанеме заедно за заедничките вредности“, рече Ван дер Белен.
 
На Земан истекува вториот, според Уставот последен, петгодишен мандат, а новоизбраниот претседател, генерал во пензија, поранешен шеф на Воениот комитет на НАТО, Петр Павел, ќе стапи на должност на 9 март. паг/
 
Фото: ЕПА

 

Остани поврзан