• петок, 22 ноември 2024

„Зелен хуман град“ обвинува за неправилности и најавува приговори и кривични пријави

„Зелен хуман град“ обвинува за неправилности и најавува приговори и кривични пријави
Скопје, 17 октомври 2021 (МИА) - Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од „Зелен хуман град“ Ана Петровска вечерва оцени дека денешните избори поминале со бројни нерегуларности и импровизации при толкувањето на Изборниот законик. Според „Зелен хуман град“, имало случаи на семејно гласање, гласање со придружба и помош при гласање од член на избирачки одбор, а на избирачкото место 2 722, член на избирачкиот одбор по грешка дал две исти ливчиња за градоначалник на Град Скопје, при што гласачот гласал. На избирачкото место 2 600 во општина Карпош не ми било дозволено на овластениот претставник на „Зелен хуман град“ да присуствува на избирачкото место, по што биле принудени да достават нов документ за негово присуство, а подоцна истиот претставник пријавил дека при броењето на гласовите не им било дозволено на овластените претставници да имаат увид во гласачките ливчиња. На избирачкото место 2 727 забележан е неколкупати прекин на гласањето поради проблем со апаратите за отпечаток на прст. - На сите изборни места, нашите овластени претставници констатираа дека околу 50 проценти од апаратите не функционираа при што луѓето биле принудени да ги користат останатите опции. Некои од овие опции одземаа и до 10-минути по гласач, што значеше дека луѓето беа принудувани да си заминат поради предолго чекање, истакна Драгана Велковска од „Зелен хуман град“. Од таму најавуваат дека ќе поднесат приговори за сите забележани неправилности, а онаму каде што имаат докази, ќе поднесат и кривични пријави за злоупотреба на службената должност. „Зелен хуман град“ очекува застапеност во бројот на советници во Град Скопје, сепак, како што велат, ќе ги причекаат резултатите од гласањето. - Премногу е рано за да можеме да кажеме какви било информации. Од она што пристигнува до нас од нашите набљудувачи имаме убава застапеност во смисла на процентност на освоени гласови што ќе значи голем број на советници во Град Скопје, но, да почекаме до официјалните резултати, истакна Петровска. ар/бак/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан